Во моментов овој 3-минутен филм се наоѓа на четврто место, од вкупно 1.612 филма
„Догс оф вор“ е единствениот македонски краток филм што е дел од интернационалниот натпревар за краткометражни филмови „Мај роуд рил“ и е во сериозна трка да го освои првото место. Во моментов тој се наоѓа на четврто место од вкупно 1.612 филма. Се снимаше во Битола, кај Музејот на авијацијата. Сценариото и режијата се на Пеце Здравковски и на Бојак Соклевски, а филмската екипа ја сочинуваат: Ѓорги Вацев, Игор Георгиоски, Ристо Алчинов, Христо Стојаноски, Кети Талевска, Христина Тренчевска и Симона Јосифовска. Улогите ги играат: Алек Ѓорѓиески, Димитар Даневски, Елизабета Јованоска.
– Идејата со филмот беше да прикажеме кога кој било човек е пред избор меѓу материјалното и чесноста, секогаш ќе го одбере она што му е од директна корист, односно материјалното. „Догс оф вор“ произлезе како продукт од серијал што одамна го планираме. Ова беше некаде 50-то сценарио што претрпи еден куп промени за да се адаптира на правилата за „Мај роуд рил“ – вели режисерот Пеце Здравковски.
Според него, снимањето било одлично искуство.
– Мислам дека најдобро се учи нештото додека го правиш. Филмот го снимавме во Битола, кај авионите, тоа се два запуштени авиона од времето на ЈНА. Се подготвувавме околу два месеца, а снимавме три дена – вели Здравковски.
Додава дека не станува збор за тоа дека претпочита кратки филмови, туку дека немале буџет за повеќе, а она што најмногу му се допаѓа кај кратката форма е тоа што релативно кратко трае целата изработка.
– Беше особено тешко да се склопи сѐ во 3 минути. Првото сценарио испадна 7 минути, кратевме и дојдовме до 4. Па мораше уште да кратиме, и мислејќи дека ќе биде 2 и пол минути снимавме. На крајот испадна 3 и пол, па повторно кратевме во монтажа – вели режисерот.
„Мај роуд рил“ е најголемиот интернационален натпревар за кратки филмови до 3 минути, организиран е од австралиската компанија РОДЕ, a поддржан од целата филмска индустрија.
– Немам идеја како стигнавме горе на гласањето толку брзо, пред некоја недела добивме малку помош од неколку медиуми, па претпоставувам тоа е она што нѐ задржа. Мислам дека изгледот на филмот е она што остава најмногу впечаток – вели Здравковски.
Гласањето е до 5 септември… https://www.rode.com/myrodereel/watch/entry/6078