Македонија има седум настапи во низа на големите натпреварувања Фото: Маја Јаневска-Илиева

Првиот бараж-дуел за пласман на СП 2019 со Романија е утре од 20.30 часот во Скопје

Со одигрувањето на синоќешните дуели Литванија – Исланд и Чешка – Русија почна трката за осумте слободни места за европските селекции на Светското првенство в година во Германија и во Данска. Противник на Македонија за пласман на 26-от ракометен мундијал ќе биде репрезентацијата на Романија, која в недела од 20.30 часот ќе гостува во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Реваншот е три дена подоцна во Клуж.

– Секој позитивен резултат што ќе се оствари тука ќе ни биде добредојден за реваншот што нѐ очекува во Романија. Ќе биде тешко, затоа што и Романците воведуваат шпански систем на работа. Сите го знаеме Чави Пасквал и знаеме што сѐ има постигнато со Барселона. Но, го имаме селекторот Раул Гонзалес, кој секогаш има спремни решенија за деликатни ситуации. Затоа ни останува да ги слушаме советите од нашиот селектор, да влеземе максимално за првиот меч, кој за нас е најбитен, и да одиграме најдобро што можеме пред нашата публика. Верувам дека салата ќе биде полна и дека ќе имаме голема помош од нашиот осми играч, публиката, која секогаш ни дава мотив плус, сила и енергија да се справиме со противникот – изјави левиот бек Филип Талески.
Во досегашната репрезентативна историја Македонија нема одиграно официјален меч со Романија, но затоа дури четворица македонски репрезентативци настапуваат во романски тимови во тамошното првенство. Тоа се голманот Никола Митревски, левиот бек Велко Марковски (двајцата во Констанца), десното крило Гоце Георгиевски (Букурешт) и голманот Златко Даскалоски (Темишвар).

Репрезентацијата на Романија не беше дел од континенталниот собир во Хрватска годинава, по неуспешните квалификации и освоеното трето место во групата два. Од СП Романија има четири златни (во 1961, 1964, 1970 и во 1974 година) и два бронзени медали (1967, 1990), но во последните 20 години таа само двапати била дел од завршница на СП, и тоа пред девет години (15-то место) и во 2011 година (11-то место).
Македонија досега има пет настапи на мундијалите, а најдобар пласман е деветтото место на СП 2015 во Катар.


Аплицирале 34 тима, во ЛШ има место за 28

Европската ракометна федерација (ЕХФ) го објави списокот на екипи што аплицирале за место во Лигата на шампионите (ЛШ) за следната сезона. Желба да играат во ЛШ изразиле 34 екипи, а има место за 28.
Македонскиот шампион Вардар има загарантирано место, а вицепрвакот Металург 12 дена ќе чека на одговор од ЕХФ. Германците пријавиле три екипи, од кои Берлин бара вајлд-карта. Со оглед на тоа што меѓу пријавените се Елверум, Кокс, Лајонс, Татран, Макаби, Алпа хард, СКА Минск и Берлин, Металург може многу помирно да го чека расплетот, за кој веруваме дека и годинава ќе му донесе место во ЛШ.
Пријавени тимови врз основа на пласман: Мешков, Загреб, Скјерн, Барселона Адемар Леон, Кокс, ПСЖ, Фленсбург, Левен, Сегед, Вардар, Елверум, Киелце, Спортинг, Динамо Б., Чеховски медведи, Целје, Тун, Татран, Кристијанстад, Бешикташ и Мотор.
Тимови што бараат дополнително место (вајлд-карта): Металург, Алфа хард, ЦСК Минск, Силкеборг, Монпелје, Нант, Фуксе Берлин, Веспрем, Макаби Ришон, Лионс, Висла и Горење. Та.Д.