Неопходно, непотребно или невозможно се трите „не“, односно трите крајности во кои се најде Македонија по донесувањето на најновите антиковид-мерки што ќе стапат во сила од 16 август. Од опсервацијата и анализата што ги направи нашиот весник може да се извлечат следните заклучоци: за некои од анкетираните сето тоа е неопходно за спречување на понатамошното ширење на вирусот, за други, пак, сосема е непотребно и нема да даде никаков ефект, додека трети мислат дека ваквите мерки се практично неприменливи и невозможни за реализација во реалноста
КАКО НАЈНОВИТЕ АНТИКОВИД-МЕРКИ ОДЕКНАА ВО СТРУЧНАТА ЈАВНОСТ И КАЈ ГРАЃАНИТЕ
Каков ефект ќе постигнат новите владини мерки со кои од 16 август им се ограничува движењето на невакцинираните и се воведуваат и посебни редарски служби што ќе контролираат кој е вакциниран, а кој не, дали ваквите мерки реално се спроведливи на терен, кој ќе врши контроли за тоа? Дали на овој начин државата врши дискриминација? Сите овие прашања отвораат сериозни дилеми во јавноста, која е збунета од мерките што треба да стапат во сила од 16 август. На социјалните мрежи веќе има силни реакции, меѓу другото и за тоа зошто се дискриминираат прележаните од ковид-19, кои иако имаат стекнат имунитет се изоставени и од нив се бара да примат две дози вакцина. Граѓаните на моменти со доза иронија и неверување гледаат на ваквите предлози, особено што велат дека нема никаква гаранција дека нема да има манипулации во нивното спроведување.
Велат дека е парадоксално цела година за влез во Македонија да не се бара никаков сертификат и сега откако над 80 отсто од новите случаи се практично увезени да се воведуваат мерки што и според епидемиолозите се чудни и збунувачки.
Според последните мерки усвоени од Владата, од 16 август 2021 година се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложувањето доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект, вклучувајќи и во угостителски објекти, каде што има повеќе од 30 присутни лица, за каков било настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани).
Венко Филипче, министерот за здравство, вели дека јавното здравје и колективната заштита се приоритет, а мерките што се донесени се исклучиво во таа насока.
– Тие не го „делат народот“, туку се нужни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем. Ничие лично право не е над правото на колективна заштита на здравјето на граѓаните – објави Филипче на својот фејсбук-профил.
Кои се ширачите на вирусот
Според епидемиологот Драган Даниловски, овие мерки немаат никаква епидемиолошка смисла, зашто сега имаме работа со делта-сојот, кој во одредена мера го заобиколува имунитетот стекнат природно или со вакцина.
– Еднакво опасни ширачи на вирусот се и невакцинираните и вакцинираните со една доза. Вакцинираните само со една доза имаат заштита од симптоматска болест само од 33 отсто (студијата „Паблик хелт Ингланд“), односно 36 отсто (студијата „Индија“). А тоа е исто како да се невакцинирани! Која е, тогаш, логиката на Комисијата за заразни болести што дала таков предлог!? Од друга страна, дури и кога би се барала потврда за две примени дози и тоа не е гаранција дека тие не се заразени! Во студиите се вели дека заштитата од заразување со две дози „Фајзер“ е 80 отсто, а во други студии е 64 отсто. Да потсетам, цело време зборуваме за делта-сојот! Ова се бројки за „Фајзер“! За сите други вакцини – логично е – бројките се сигурно многу помали. Ако земеме предвид дека кај нас над 70 отсто од вакцинираните се со кинески вакцини, можеме да замислиме колкава им е заштитата на вакцинираните само со една доза – посочува тој.
Приоритет израмнување на епидемиската крива
Според него, сега треба да биде приоритет израмнување на епидемиската крива преку рестриктивни мерки, засега на места каде што е најголем интензитетот на ширење на вирусот, како свадбите, веселбите, угостителските објекти, обложувачниците, јавниот сообраќај итн.
– Затоа што сега императив е намалување на забрзувањето на бројките. Среќа во несреќа е што немаме хомогена дистрибуција на ризиците низ целата територија на државата! Практично, буквално насекаде – освен Скопје, Тетово и Гостивар – имаме очекувана, умерена динамика на ширење карактеристична за алфа. Сѐ уште имаме „локално ширење“, а не „ширење низ заедницата“ – вели епидемиологот.
Според него, во пресрет на есента, треба да се фаворизира вакцинацијата на постарите граѓани и хроничните болни.
– Процентот на вакцинирани само со една доза во возрасните групи над 50 години од околу 60 отсто е недоволен. А колку меѓу нив се со две дози? Кога станува збор за делта-сојот, на сите во светот им стана јасно дека не може да се смета само на вакцинацијата, која мора да се интензивира. Но неопходни се и повремени рестрикции во ситуации каква што е нашата актуелна. Целисходно може да биде барање негативен антигенски (рапид) тест за – и вакцинирани и невакцинирани и прележани! Зошто? Бидејќи концентрацијата на вирусот е повисока, таа спаѓа во опсегот на детекција на брзите антигенски тестови. Или, може да се бара потврда со број на антитела – независно дали се работи за прележани или вакцинирани со една или две дози! Зошто? Затоа што многумина што формално имаат потврда дека се вакцинирани со две дози, може да се случи да имаат нула антитела! И со потврдата ќе одат на свадба, во кафеана… и ќе го шират вирусот – подмолно – заклучува тој.
Прележаните имаат повисоко ниво на заштита
Според Даниловски, потребно е да се расчисти и дилемата за прележаните.
– Тие имаат повисоко ниво на заштита од вакцинираните само со една доза. Ако им се даде само една доза „Фајзер“, добиваат повисоко ниво на заштита од непрележаните вакцинирани со две дози. Со втора доза, не се постигнува никаков ефект. Ако би се користела „Синовак“, веројатно би биле потребни две дози. И конечно, во официјалните соопштенија за дневните бројки на заразени, крајно време е да се соопштува колку се вакцинирани (со една и две дози) и прележани, а колку се невакцинирани – заклучува тој.
Редарската служба – голем проблем
Од Независна угостителска комора велат дека новите рестриктивни мерки ќе го загрозат и ќе го проблематизираат идното работење на угостителските објекти и нивната оправданост за понатамошно работење.
– Невозможно и неспроведливо е секој угостителски објект да ја обезбеди бараната задолжителна редарска служба заради контрола на приложувањето доказ за вакцинација – посочуваат оттаму.
Велат дека тоа дали лицето е вакцинирано или не спаѓа во групата на сензитивни лични податоци, со што практично со барањето доказ или потврда дали е вакцинирано или не се прекршуваат одредбите од Законот за заштита на лични податоци и истото тоа не е можно ниту да се организира ниту да се спроведе без да се прекршат повеќе човекови права загарантирани со Уставот и Законот за заштита на лични податоци.
– Што правиме со странските гости и дипломатите? Дали и на кој начин нив треба да ги идентификуваме и да го идентификуваме нивниот статус на вакцинација? – прашуваат од угостителската комора.
Слични мерки и во Европа
Од Министерството за здравство информираат дека мерките што ќе стапат во сила се веќе воведени и веќе се применуваат во земјите од регионот, Европа и од светот.
Покрај европските, повеќе земји во светски рамки, меѓу кои и САД, воведуваат задолжителна вакцинација за одредени категории граѓани, но и задолжителен сертификат за имунизација за посета на јавни места, користење на јавните добра и услуги, со цел да го ограничат масовното ширење на вирусот и да го заштитат здравјето на населението.
Данска, Австрија и Унгарија беа меѓу првите земји што во март оваа година воведоа здравствени сертификати, кои во Австрија сè уште се неопходни за посета на ресторани, хотели и спортски центри. Вакви мерки се актуелни и во Португалија и во Ирска, додека во Луксембург се построги и вакциналниот сертификат е задолжителен и при влез во маркетите.
Приложувањето сертификат за вакцинација во затворените угостителски објекти минатиот месец стапи во сила и во соседна Грција. Според одлуката на Владата на Италија, пак, за престој во затворени простории, неопходно е граѓаните да приложат документ за вакцинација за примена барем една доза, доказ за имунизација по природен пат, односно прележување на вирусот или негативен ПЦР-тест, не постар од 48 часа.
Четвртиот бран на ковид-19 предизвика пораст на инфекциите и во Франција, каде што во сила стапија мерките за задолжителна вакцинација на здравствените работници и приложување сертификат или негативен ПЦР-тест за присуство на јавни места, настани со масовна посетеност и користење јавен превоз. По стапување на мерките, билансот на населението со две примени дози од вакцината изнесува 50 отсто.