Деновиве за Македонија пишуваше и престижниот „Скриндејли“, во кој еден од најпознатите британски продуценти Ник Пауел, кој се наоѓа на „Канскиот филмски фестивал“, ги претстави своите два нови проекта од кои едниот е новиот филм на Милчо Манчевски, „Врба“
Голем број филмски професионалци го посетија македонскиот штанд на престижниот „Кански фестивал“ каде што беше промовирана нашата земја како дестинација за снимање филмови и беа претставени домашните остварувања што годинава се дел од оваа реномирана манифестација. На присутните им беа поделени промотивни материјали и подетално се запознаа со Македонија и со нејзиниот филмски потенцијал.
На промотивниот настан присуствуваше екипата од филмот „Дивата круша“, чиј копродуцент е Македонија и е во официјалната селекција на „Канскиот фестивал“. Беа претставени и домашните остварувања, кои се дел од филмскиот маркет – двата долгометражни, „Ефектот на среќата“ на Борјан Зафировски и „Дедо и внук“ на Илија Пиперковки, како и два краткометражни филма, „Една“ на Вук Митевски и „Готлиб“ на Крсте Господиновски.
Играниот филм „Ефектот на среќа“ во режија на Борјан Зафировски имаше успешна проекција пред голем број странски филмски дистрибутери на „Канскиот фестивал“. Главните ликови во ова остварување ги толкуваат Дејана Попоска, Сашко Коцев и Ана Стојановска додека во другите улоги се појавуваат Сара Анастасовска, Јовица Михајловски, Петар Арсовски и Мими Таневска. Сценариото е на режисерот Зафировски и познатиот драматург и писател Дејан Дуковски. Продукцијата е на „Ново македонско видео“, а најголемиот дел од буџетот е обезбеден од Агенција за филм на Република Македонија. Копродуценти се „Њу момент“ и националните филмски фондови на Србија, Косово и на Црна Гора.
Македонија годинава го има најплодното учество на филмскиот фестивал во Кан. Во официјалната конкуренција ќе се натпреварува копродукцијата „Дивата круша“ на режисерот Нури Билге Џејлан, а на филмскиот маркет покрај „Ефектот на среќата“ на Борјан Зафировски ќе бидат прикажани и „Дедо и внук“ на Илија Пиперковки, како и два краткометражни филма „Една“ и „Готлиб“.
Нашата земја е присутна и со промотивен штанд во рамките на павилјонот на државите од Југоисточна Европа, а во изданија на списанието „Холивуд репортер“, Агенцијата за филм пласираше и промоција на Македонија како дестинација за снимање филмови.
Агенцијата за филм годинава стави акцент на унапредување и подобрување на промоцијата на Македонија како дестинација за снимање поради што подготви и посебна веб-страница www.filmingmacedonia.com за која посебно беа изработени промотивни слајдови со фотографии од најатрактивни локации за снимање. Дополнително, на 9 мај во дневните изданија на списанието „Холивуд репортер“ Агенцијата за филм закупи простор за објава со која се направи промоција на Македонија како дестинација за снимање филмови.
Деновиве за Македонија пишуваше и престижниот „Скриндејли“, во кој еден од најпознатите британски продуценти Ник Пауел, кој се наоѓа на „Канскиот филмски фестивал“, ги претстави своите два нови проекта од кои едниот е новиот филм на Милчо Манчевски, „Врба“.
„Канскиот филмски фестивал“ почна на осми мај со премиерата на новиот филм на иранскиот режисер Асгар Фархади во кој играат Пенелопе Круз и Хавиер Бардем. Големата манифестација ќе трае до 19 мај кога ќе биде прогласен и победникот на највисокото признание, „златната палма“.