Момент од СП во Охрид

Полска ја одбрани светската екипна титула, додека нов поединечен шампион стана истакнатиот велемајстор во проблемски шах, Полјакот Пјотр Мурџа

Репрезентацијата на Полска го освои златниот медал на 42-то Светско првенство во решавање шаховски проблеми, кое во оргaнизaција на шаховскиот клуб Гамбит Асеко СЕЕ и Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) се одржа во хотелот „Метропол“, во Охрид. Во конкуренција на 19 пријавени држави, Полска (и пред СП важеше за најголем фаворит), во состав Пјотор Мурџа, Каспер Пиорун и Александар Миста, по двата натпреварувачка дена освои вкупно 151,5 бод и со тоа ја одбрани титулата светски првак. Сребрениот медал ѝ припадна на селекцијата на Русија (Данила Павлов, Евгениј Викторов и Анатолиј Мукосеев) со 151,25 бод, додека бронзеното одличје замина кај проблемисти на Англија (Џон Нан, Џонатан Местел и Дејвид Хоџ), со 144,75 бода.

Зад Македонија заврши Чешка (50,5 бода). За обележување е што Македонија имаше втор најдобар збирен резултат во првиот круг, односно решавање двопотези, додека 14-годишниот Ристески поединечно беше најдобар во оваа група матови, така што зад себе остави многу познати проблемски величини, како што се светските прваци, Англичаните Џон Нан, Џонатан Местел, Полјакот Пјотр Мурџа, Русинот Андреј Селиванов и многу други, кои, исто така, ги решија дадените двопотези, но имаа послабо време од Ристески. Последен пат македонска репрезентација на СП настапила во 2002 година во Порторож (Словенија), кога го освоила последното 20-то место, и тоа во многу квалитетен и поискусен состав од сегашниот (Живко Јаневски, Зоран Гавриловски и Иван Денковски), што може само да радува сегашниот пласман на Македонија, која се состоеше од комбинација на млади и постари решавачи, но многу понеафирмирани отколку таа селекција што настапи во Порторож.

Во поединечна конкуренција нов светски првак стана Полјакот Пјотр Мурџа, со освоени 76,5 поени, второто место го освои неговиот сонародник Каспер Пиорун (75), кој не успеа да ја одбрани титулата светски првак, додека бронзата му припадна на Словакот Томаш Пеитл (74,5 поени), што претставува и најпријатно изненадување на ова СП. Русинката Лилија Косолапова беше единствената проблемистка што настапи на СП. Со освоени 39,25 поени, таа го подели 70-то место. Особено радува настапот на 14-годишниците Ристевски и Велјаноски, кои како млади и неискусни решавачи на кои ова им беше нивен прв настап се претставија во светло издание и со тоа покажаа дека пред нив претстои светла иднина на полето на проблемскиот шах.

Главен судија на СП е истакнатиот македонски композитор, решавач и судија во проблемскиот шах Иван Денковски, кој е и претседател на Комисијата за проблемски шах при ШФМ, кој немаше проблеми во текот на решавачкиот натпревар и одлично си ја заврши својата задача. На СП можат да настапат најмногу по тројца проблемисти за една држава, но се земаат само двата најдобри резултата од секоја селекција, а предмет на решавање беа матови во два и три потези, матови во повеќе потези, помошни и самоматови, како и студии, кои се решаваа за одреден зададен временски интервал. Во Охрид, и покрај завршувањето на СП во решавање, продолжува работата на 61. Светски конгрес за шаховска композиција, што претставува најголем годишен светски собир на шаховските проблемисти под покровителство на Светската федерација за шаховска композиција, а кој ќе заврши утре. 


Стојчевски најдобропласиран Mакедонец

Најдобропласиран македонски решавач на 42-то СП е Зоран Стојчевски (ШК Гамбит Асеко СЕЕ), кој во конкуренција на 83 проблемисти со освоени 37,5 поени го освои 72-то место. Андреј Вељановски заврши на 78-то место (26), Емил Ристевски на 79-то (25,25), додека Гоце Илковски, кој настапи индивидуално, заврши на 82-то место.