Поранешниот селектор на Шпанија ќе ја плати цената за лошиот старт на сезоната на актуелниот европски првак, што кулминира со дебаклот и високиот пораз од Барселона во „Ел класико“, 1-5
Тренерот на Реал, Хулен Лопетеги, ќе добие отказ само по нецели четири месеци на функцијата, а неговото место ќе го заземе Италијанецот Антонио Конте. Поранешниот селектор на Шпанија ќе ја плати цената за лошиот старт на сезоната на актуелниот европски првак, што кулминира со дебаклот и високиот пораз од Барселона во „Ел класико“, 1-5, во неделата, тврдат шпанските медиуми блиски до „кралскиот клуб“, во очекување на официјалното соопштение по состанокот на челните луѓе.
Поразот од Барса беше трет по ред за Реал во Ла лига, првпат по 2009 година, по што се најде на деветтото место на табелата, седум поени зад лидерот Барса.
– Ова е тежок удар, се чувствувам тажно, но доволно сум силен за да знам дека сè може да се сврти на подобро. Има долг пат, но јас имам многу верба во оваа група фудбалери – изјави по мечот Лопетеги (52).
Капитенот Серхио Рамос, во меѓувреме, потврди дека играчите немаат никаков удел во донесувањето на одлуките во врска со Лопетеги, односно резултатите се тие што ја одредуваат судбината на тренерот.
– Ние сме со тренерот до смрт. Но резултатите одлучуваат дали останува тренер.
Тоа не е наша одлука, ние остануваме настрана, што треба да се случи, ќе се случи – вели Рамос.
Мандатот на Лопетеги најверојатно ќе заврши едвај четири месеци откако започна, во јули, пред почетокот на Светското првенство (СП). Тој требаше да ја предводи Шпанија како селектор во Русија, но откако се дозна дека се договорил со Реал, челниците на ФС на Шпанија револтирани веднаш му врачија отказ.
Конте, кој летово доби отказ од премиерлигашот Челси, треба да биде наследникот на Лопотеги. Шпанските медиуми објавија дека веднаш по поразот од Барса, луѓето од Реал веќе контактирале со него и оти тој бил заинтересиран за преземање на функцијата.
Утеха за Лопeтеги, кој 14 пати го предводеше Реал и има ефект од по шест победи и порази, со две ремија и гол-разлика 21-20, може да биде само гарантираната „мрсна“ отштета од 18 милиони евра во случај на отказ.
Лопeтеги ќе ја доживее истата судбина како сонародникот Рафаел Бенитез пред неколку години, кој доби отказ во јануари 2016-та, а агонијата започна по дебаклот токму против Барса (0-4). Не мина подобро ниту Германецот, Бернд Шустер, во летото 2008-та, по несмасната изјава оти е „невозможно“ да се победи Барса, тогаш предводена од Пеп Гвардиола.