Британскиот секретар за брегзит Стивен Беркли ги негира пишувањата на „Дејли телеграф“ дека Брисел и Лондон преговараат за проширување на членот 50 од Лисабонскиот договор, во врска со британското повлекување од Европската Унија, и нагласи дека Британија ќе ја напушти ЕУ на 29 март. „Дејли телеграф“, повикувајќи се на три неименувани извори од ЕУ, завчера објави дека британски и европски претставници ја разгледуваат можноста за проширување на членот 50, кој се однесува на истапувањето од Унијата.
– Не сум разговарал со ЕУ за проширување на членот 50. Можам да бидам многу јасен дека владината политика е таква да ја напушти ЕУ на 29 март. Премиерката тоа го разјасни многупати пред парламентот – порача Беркли за Би-би-си.
Според „Дејли телеграф“, британските власти испратиле „неофицијална сугестија“ и ја тестираат волјата за проширување на членот 50, дури и ако Владата вели дека нема намера да побара продолжување на преговарачкиот период.