Изложбите се награда и признание за сиот мој труд вложен во одгледувањето на кучињата, вели Виктор Ѓоргиев
Изложба е вид приредба на која се оценуваат и распределуваат кучињата според пропишаните стандарди земени од Меѓународната кинолошка организација. Така што им се доделуваат според оцената кандидатури, титули и евентуални награди. Најчесто на изложбите се одбираат кучињата што најдобро одговараат на тој пропишан стандард.
Изложбите се одлична можност да се видат најубавите кучиња, нивните најсилни карактеристики, најистакнати атрибути.
Виктор Ѓоргиев е еден од редовните учесници на ваквите изложби. Тој негува пасија за чување расни ловџиски кучиња и негова практика е да ги носи на изложби, домашни и интернационални. Има богато искуство собрано во чувањето расни кучиња, и полици полни со медали и трофеи. Досега има освоено над шеесет трофеи со разни расни кучиња, а бројката не застанува овде.
Моментално има четири кучиња и сите се имаат закитено со државни и со интернационални признанија.
– На секое признание му се радувам и сум горд. Последниот медал што го добив е првак на раса БОБ на традиционалната трка во Прилеп. На изложба бев со „посавски гонич“, раса што потекнува од Хрватска, од Посавина, по што и го има добиено името. Во последниве неколку години со повеќе кучиња имам одено на изложби. Со секое куче работам многу, вложувам многу време, труд, тренинзи. Потребно е комплетно да се посветиш за да има позитивни резултати и, секако, медали. Се залагам да учествувам со млади кучиња што се окучени во мојата одгледувачница – ни сподели Виктор.
За своите кучиња вели дека се ловџиски со одлични карактерни особини, темпераментни и страсни ловци. И најчесто она со што ги пленат судиите се издржливост, послушност, итрина и по тоа што имаат совршен мирис. А секако мора да се напоменат и физичката подготвеност, цврста градба, мускулестите гради, јаките нозе, влакно што е приспособено на соодветните услови.
– На специјализираните изложби за ловџиски кучиња во Македонија конкуренцијата е сѐ уште послаба во однос со изложбите што сум ги посетувал во нашите соседни држави, како што е Србија и другите балкански држави. Таму навистина конкуренцијата е голема, силна и освоените трофеи од таму имаат значително поголема тежина – објаснува Ѓоргиев.
Последната изложба на која има учествувано Ѓоргиев со своите миленици е „Меѓународна изложба на расни кучиња ЦАЦИБ Прилеп 2018“. Претходно беше дел од Специјализирана изложба на гоничи – Скопје, па Блаце, Пирот, Лесковац, Трстеник, Петровац на Млави во Србија и многу други.
– Со ова хоби почнав благодарение на Марјан Трајчевски, мој близок роднина и голем љубител на ловот и на ловечките кучиња. Оваа раса кучиња не бара посебна нега, внимание, туку потребна е сериозна теренска работа во која е неопходно да се вложат сериозно многу време, труд и финансии, секако. Голем дел од времето со кучињата го поминуваме надвор, во движење. Со многу часови поминати во планина за да бидат секогаш во одлична кондиција. А изложбите се награда и признание за сиот мој труд вложен во одгледување на оваа раса кучиња – додава Виктор.
Тој вели дека изложбите се прекрасна манифестација и што повеќе ги има, подобро. Омилен дел од сѐ му е одењето на лов со нив.
Кинолошкиот сојуз на Република Македонија организира неколку изложби годишно за кучиња од различни раси, кои од година на година се сѐ попопуларни и посетени.
На сите кинолошки манифестации кучињата ги оценуваат кинолошки судии за одредени раси. За оценувањето на изложба потребно е кучето да се подготви како во изгледот така и во однесувањето. Најосновно е кучето да има родовник, кој е доказ дека води потекло од чистокрвни родители и, секако, ринг-дресурата.