Фазаните главно се ловат на три начини: со пребарување со помош на ловџиските кучиња, бркање и со гонење. Сите овие начини бараат многу сериозна организација и дисциплина

Ловот на фазани е посебен предизвик за секој ловџија. Тој бара голема прецизност кај секој љубител на ловот, а само оние, највештите стрелци можат да се пофалат со добро уловен дивеч. Фазаните главно се ловат на три начини: со пребарување со помош на ловџиските кучиња, со бркање и со чека. Сите три начини на лов бараат многу сериозна организација и дисциплина во текот на ловот, пред сѐ заради самата безбедност на ловџиите.
Начинот на лов со пребарување со помош на куче, може да биде поединечен или групен, додека другите два начина само групен и тоа изискува дополнителни мерки на внимателност, оти со учеството на повеќе ловџии во групниот лов и опасноста за загрозување на нивната безбедност е поголема.

ЛОВ СО ПРЕБАРУВАЊЕ СО ПОМОШ НА КУЧЕ

Овој начин на лов може да се изведува индивидуално или во група каде што за пребарување се користи едно куче, а во групата одат повеќе ловџии. За ваков вид лов, најдобро е ловџијата да биде придружуван од куче-птичар, а особено на терен каде што може да се следи неговата работа и маркирање. Најбитно за кучето е да биде добро дресирано, за да не се оддалечи предалеку од ловџиите. Исто така при овој лов треба добро да се познаваат карактеристиките на дивечот, а што се однесува на фазаните, пак, тој правилно се придржува до своите навики. Ако во лов се тргне во раните утрински часови (иако е подобро подоцна, кога росата ќе се исуши), фазанот треба да се бара на ливадите, пасиштата и стрништата, каде што оди по утринска храна. Во месеците на лов, фазаните се задржуваат на краевите од полињата, покрај канали полни со висока трева и во близината на шумата, оти го збунуваат гласовите на ловџиите и ловџиските кучиња. Како што изминува денот така и фазаните се повлекуваат сѐ подлабоко во поскришните предели за да најдат некое скривалиште.
Меѓутоа често се случува во тие ловни месеци фазаните да ги сменат своите навики и да излегуваат по храна подоцна, за да ја одбегнат опасноста. Кога кучето ќе го открие фазанот, зазема специфичен став, со кој им дава на ловџиите знак дека го открил она што е нивна цел. Полетувањето на фазанот е бучно и брзо. Помалку искусните ловџии често пукаат во фазанот додека е во залет да летне, па, така, често се случува да промашат или да ја погодат неговата опашка, додека искусните ловџии чекаат тој да летне во рамна положба. Во шумата на фазанот се пука без чекање и онака како што ловџиите мислат дека им е најдобро во тој миг. Кај високите дрвја во шумата, куршумот мора биде испукан пред фазанот да се скрие во крошните на високите дрвја.

ЛОВ СО БРКАЊЕ

Кај ваквиот начин на лов, ловџиите можат самите да ги подигаат и стрелаат фазаните. Оние што го принудуваат фазанот да летне, се движат по договорена маршрута во ловиштето, односно ја одржуваат линијата на движење во соодветно меѓусебно растојание. Добро е помеѓу нив да се има еден искусен ловџија, кој ќе води сметка околу држењето на линијата и растојанието. Растојанието помеѓу ловџиите што пукаат би требало да биде 40 до 50 метри. На растојанието меѓу ловџиите најмногу влијае пределот на кој се лови, како и видливоста. Ловџиите што го принудуваат дивечот да летне, би требало со стапови да удираат по грмушките, но внимателно, за да не им пречат и да не ги деконцентрираат ловџиите кога пукаат. Ваквиот начин на лов е поефикасен во прегледните предели, каде што ловџијата има доволно време да се намести пред да пука.

ЛОВ СО ЧЕКА

Принципот на овој начин е сличен како и кај претходниот, а се разликува само по тоа што ловџиите, кои се подготвени за отстрел, се поставени на чеки и дивечот лета кон нив. Ова може да се прави во една линија и е поефикасен кога се врши во главната линија и со две странични крила. Исто така и овде треба задолжително да се води сметка за растојанието и правецот на движење на ловџиите. И кај овој начин на лов, најдобро е да се лови со кучиња од расата птичари, кои се добро дресирани. Без добро дресирани кучиња, често се случува ранетиот фазан да успее со нозе да побегне и се скрие во грмушките во кои ќе биде недостапен за понатамошниот лов. Фазаните спаѓаат во многу вешт дивеч, кој умеат многу добро да ги избегнуваат начини на лов со бркање и со чека, па затоа, секогаш кога се лови на вакви начини, треба да се оди со ветер и притоа добро да се одржува потребното растојание.


И рибите слушаат!

Ушите на рибите се сместени во внатрешноста на телото на рибата, значи не се дел од надворешниот дел, како кај големиот број други живи суштества. Ако ве чујат, секако дека можат да побегнат на некое побезбедно место, оти тие имаат уши и слушаат

Дали и виe, кога ќе тргнете на риболов, одите на прсти до брегот на реката, езерото, дали избегнувате разговор од страв рибите да не се исплашат и побегнат? Ако рибите ве чујат, секако дека можат да побегнат на некое побезбедно место, оти тие имаат уши и слушаат. Ушите на рибите се сместени во внатрешноста на телото на рибата, значи не се дел од надворешниот дел, како кај големиот број други живи суштества.
Многумина сметаат дека рибите живеат и без некои функции на организмот, кои инаку се сметаат неопходни за живот. Меѓутоа и рибите имаат развиен нервен систем, што значи ако ги мачиме, тие патат, ако ги повредиме и тие ја чувствуваат таа болка!

Рибите имаат многу развиено сетило за допир. Вкусот и допирот ги чувствуваат на својата кожа. Имаат и два помали органи за мирис, сместени во ноздрите, кои, пак, се наоѓаат на главата.
И покрај тоа што рибите се животни со студена крв, ни тие не можат без гориво, како и човекот. И нивното гориво e храната. Внесената храна согорува во телото на рибата, односно во сите нејзини ткива, обезбедувајќи нејзин живот, раст и движење.
Со крвотокот не се спроведува само внесената храна до секој и најмал рибен орган, туку и кислородот, кој е неопходен за согорување на внесената храна. Затоа и срцето во рибите има целосна функција на пумпа за одржување на потребната циркулација на крвта.
Рибите живеат во толку различни средини, така што еден вид се разликува од другиот по многу работи. Така, на пример, има риби што имаат и жабри и гради за вдишување на воздухот! Рибите што живеат во големи длабочини се слепи, но затоа имаат многу чувствителни краци на главата. Некои живеат во солените води, други во слатките. Но, има и такви, кои живеат исклучиво на дното на океанот.