Александар Кожев е една од најенигматичните фигури во филозофијата на 20 век и еден од архитектите на Европската Унија и Светската трговска организација. Според истражувањата на „Норт американ њу рајт“, тој имал особено влијание во економското и политичкото обединување на западноевропските држави

За Александар Кожев, Даниел Џонсон од „Дејли телеграф“ истакнува дека неговото влијание е насекаде. Тој пишува дека „идеите на Кожев одекнуваат околу нашата политичка арена. Таква е и визијата на Тони Блер за постконзервативна, постнационална, постполитичка, постисториска Европа“…

Кој е Александар Кожев?

Роден е во аристократско семејство под името Александр Владимирович Кожевников во 1902 година, Москва. Во 1920 година ја напушти Русија и најпрво се насели во Полска, а потоа во Германија, каде што студираше филозофија во Берлин под менторство на Карл Јаспер. Во 1926 година се пресели во Париз, каде што го смени презимето и стана француски државјанин. Во 1933 година во Париз го започна најпознатиот филозофски семинар на 20 век. Роберт Ховс, професор од Универзитетот на Мичиген, забележува дека во текот на овие предавања Кожев со значајна реторичка брилијантност преку атеистичко и марксистичко-хуманистичко читање ја протолкува Хегеловата дијалектика за односот помеѓу господарот и робот. Во 30-тите години на 20 век, Кожев себеси се опишуваше како сталинист. Роберт Ховс истакнува дека Кожев немал илузија за варваризмот на Сталин и верувал дека принудната модернизација е единственото и најбрзо средство што ќе ѝ овозможи на Русија да се трансформира во правна држава. Според Кожев, Сталин бил само средство на постисторијата, а секое морализирање против советскиот диктатор било филозофски бесмислено. Во периодот помеѓу 1945 и 1968 година, Кожев работеше во трговскиот департмент при Француското министерство за економија. Според Рејмонд фан ван Фи, Кожев беше во француската администрација и немаше конкретно дефинирана функција, меѓутоа имаше големо интелектуално влијание врз архитектите на француската економија и беше нивен главен преговарач.

Кожев за крајот на историјата и глобалното политичко обединување

Овој руско-француски филозоф е најпознат по својата идеја за крајот на историјата. Тој тврди дека историјата заврши на 14 октомври 1806 година, кога Хегел го привршуваше своето филозофско дело „Феноменологија на духот“ и кога Наполеон Бонапарта ја победи Прусија во големата битка кај Јена, со што заврши спротивставувањето на Француската револуција. Според Кожев, историјата заврши со триумф на идеите за слобода, еднаквост и братство прогласени од Француската револуција. Сѐ што се случи оттогаш, вклучувајќи ги и двете светски војни, нема реално историско значење, всушност ова е период на пренесување на идеите на Француската револуција низ целиот свет. Александар Кожев очекува светот политички да се обедини во една целина, а светските различни култури да станат целосно хомогенизирани.

Визиите на Кожев во меморандумот упатен до Шарл де Гол

Во август 1945 година, Кожев му доставува на Шарл де Гол, тогаш на чело на привремената француска влада, еден меморандум познат како Нацрт за доктрината на француската политика. Во меморандумот, Кожев ја анализира геополитичката положба на Франција по Втората светска војна и ги предочува опасностите за француската држава. Директната опасност доаѓа од Германија, опасност што не е воена, туку економска, односно политичка. Според Кожев, економскиот потенцијал на Германија ќе води кон намалување на француското влијание во Европа. Кожев забележува дека објективната анализа на историската ситуација јасно покажува дека ако Франција остане политички изолирана и ако инсистира да егзистира како нација-држава, порано или подоцна ќе престане да постои како држава и ќе биде политички апсорбирана во англосаксонската империја, која ќе стане германско-англосаксонска империја. Според Кожев, по Втората светска војна заврши периодот на националната политичка реалност, а иднината лежи во епохата на империите, односно во транснационалните политички заедници формирани од здружени нации. Доколку Франција сака да ги зачува својата моќ и влијание, треба да ја предводи латинската католичка империја, која треба да се создаде преку сојуз на Франција, Шпанија и Италија. Обединувањето е сосема природно, бидејќи овие држави имаат јазични, културни и религиозни врски. Латинската империја нема да има империјалистички тенденции, таа ќе биде мирољубива империја и ќе им понуди гаранција за мир на своите членови и на Западна Европа.

Зошто видни европски авторитети сметаат дека ЕУ е формирана на фундаментите на размислувањата на Кожев

Рикардо Папарусо истакнува дека Европската Унија, која се создаде во 1993 година за заштита на мирот во Европа, беше формирана врз размислувањата на Александар Кожев. Истиот автор, исто така, истакнува дека Кожев предложи повеќе елементи што станаа фундаментален дел од Европската Унија. Кожевата латинска империја требаше да има заедничка економија, царинско единство, заедничка надворешна и одбранбена политика, обединување на рударските ресурси и др. Роберт Ховс забележува дека ако се проследи развојот на европската интеграција во последните 50 години, Кожевата скица на латинската империја изгледа како образец за денешната Европска Унија. Ховс исто така истакнува дека не може да се негира доминантното влијание на француските дипломати и бирократи во текот на историјата на европското обединување. Според Роџер Скрутон, Кожев има водечка улога и заткулисно влијание во создавањето на Светската трговска организација и Европската Унија.
Александар Кожев негуваше особено пријателство со Лео Штраус, еден од најголемите филозофи на 20 век. Двајцата останаа во постојана кореспонденција во текот на целиот живот. Преку Штраус, Кожев изврши влијание врз современата американска мисла.

Влијанието на Кожев на европските интелектуалци

Кожев изврши силно влијание врз цела генерација француски мислители, меѓу нив се Рејмонд Арон, еден од најбрилијантните конзервативни политички теоретичари на Франција во 20 век; Морис Мерло-Понти, еден од најзначајните феноменолошки филозофи на Франција во 20 век; Жак Лакан, еден од водечките фројдовски мислители по Фројд; Роберт Маржолин, еден од истакнатите луѓе во француското министерство за економски прашања; и човекот што го вработи Кожев во министерството, Андре Бретон, еден од основачите на францускиот надреализам и др. Исто така изврши индиректно влијание и врз една француска генерација, меѓу кои се Жак Дерида, Мишел Фуко, Жил Делез, Жан Франсоа Леотар и др. Влијаеше и врз интелектуалното оформување на американските мислители Ален Блум и Стенли Росен. Идеите на Александар Кожев преку Ален Блум извршија влијание врз современиот американски мислител Френсис Фукујама, кој светската слава ја стекна со книгата „Крајот на историјата и последниот човек“, во која тврдеше дека либералната демократија и слободниот економски пазар се крајната точка во еволуцијата на човекот, ставови што предизвикаа големи контроверзии. За разлика од Фукујама, Александар Кожев крајот на историјата го гледаше во синтеза на капитализмот и социјализмот, односно во мешаниот систем и економија.


Унијата пред институционална криза?

Европскиот парламент денес треба да ја потврди номинацијата на Урсула фон дер Лејен, актуелната германска министерка за одбрана, за нова претседателка на Еврокомисијата. За да биде избрана, Фон дер Лејен мора да освои апсолутно мнозинство на гласањето во Стразбур. Доколку не биде потврдено нејзиното именување, Европскиот совет има рок од 30 дена да предложи нов кандидат за една од најважните функции во ЕУ, пренесува „Политико“. На германската министерка ѝ е потребна целосната поддршка од нејзината Европска народна партија (ЕПП) – 182 гласа, како и на уште најмалку 192 европратеници. Со таквиот распоред на гласовите ќе бидат задоволени процедуралните услови за нејзин избор. Но, како што оценува порталот „Политико“, секој резултат помал од 400 гласа, и тоа од главните проевропски партии, би бил политичка катастрофа, бидејќи Фон дер Лејен ќе нема убедливо мнозинство, како и основен легитимитет, да претседава со ЕУ во наредните пет години. Колку за споредба, Жан-Клод Јункер во 2014 година беше избран со 422 гласа „за“, наспроти 250 гласа „против“. На институционално ниво, одлуката за нејзина номинација, која Европскиот совет ја донесе наспроти резултатите од мајските избори, за Европарламентот претставува отворен напад. Колку за потсетување, со изборот на Фон дер Лејен, европските лидери го игнорираа воспоставениот систем на т.н. водечки кандидат, кој имаше силна поддршка во Европскиот парламент. Тоа значи дека за да ја дадат својата поддршка, многу европратеници треба да бидат „притиснати“ од нивните премиери или претседатели, кои во многу случаи исто така се и лидери на нивните национални партии. Многумина експерти предупредуваат дека доколку Фон дер Лејен денес не добие „зелено светло“ од европратениците, тогаш на ЕУ ѝ се заканува нова голема институционална криза, која може да го блокира нејзиното функционирање.