Селекторот на Шпанија, Рибера и овој пат се потпре на проверени и искусни ракометари со кои ќе ги остварува амбициите Фото: Маја Јаневска-Илиева

Главен фаворит за првото место во групата Б е Шпанија, потоа следуваат Хрватска, Македонија и Исланд, а Јапонија и Бахреин, кои важат за аутсајдери во групата, ќе бидат висока пречка за секоја селекција што со потценување ќе влезе во дуел со нив

Македонската машка ракометна репрезентација денеска заминува за Минхен, каде што од петок, во следните две седмици, ќе настапува на 26-от ракометен Мундијал во Германија и во Данска. Македонија на Светското првенство (СП) ќе биде во групата Б, заедно со европскиот првак Шпанија, потоа Хрватска, Исланд, Јапонија и со Бахреин. Главен фаворит за првото место во групата Б е Шпанија, која, според составот, важи за најискусна и најквалитетна во однос на другите. Втора по квалитет и рејтинг од минатиот труд е Хрватска. Исланд и Македонија, како и многу често претходно, ќе играат меѓу себе, сега за третата позиција во групата Б, која носи место во втората фаза. Јапонија и Бахреин, кои важат за аутсајдери во групата Б, ќе бидат висока пречка за секоја селекција што со потценување ќе влезе во дуел со нив.

ШПАНИЈА: Во желба да ги обедини европската и светската титула, селекторот Жорди Рибера и овој пат се потпре на проверени и искусни ракометари со кои ќе ги остварува амбициите. Со просек од 28,4 години, Шпанците го имаат најискусниот состав во групата Б. На својата листа ракометари Рибера ги има најдобрите Шпанци од Барселона и уште 17 интернационалци од најсилните европски тимови. Шпанците најчесто играат агресивна и цврста одбранбена формација 6-0, зад која стои еден од најдобрите дефанзивци на светот Виран Мороз, кој заедно со Жоан Канељас е вистински бедем пред голот на одличните Гонзало Перес де Варгас и Родриго Коралес. Не треба да се трошат многу зборови ни кога станува збор за нападот на Шпанците, кои имаат одлични крила за реализација на брзите контри и полуконтри, а за позицискиот напад таму е искусниот организатор на играта Раул Ентрериос, кој секогаш има решение за противничките одбрани.

ХРВАТСКА: Селекцијата на Хрватска не е на нивото од минатото, кога редовно беше во траката за медал, но, сепак, има ракометари со одлични индивидуални квалитети, како Домагој Дувњак, Лука Циндриќ, Златко Хорват, Мануел Штрлек, кои знаат да повлечат во одреден момент и да ја преземат ситуацијата во свои раце. Со Лино Червар на клупата, кој е одличен стратег, Хрватите ќе бидат тежок, но не и несовладлив противник на патот кон втората рунда. Нивната одбрана варира, во зависност од противниците, тие најчесто и најквалитетно се бранат со 6-0, а често знаат да го изненадат противникот со 5-1. Кога во играта треба да се скрши резултатот, може често да видиме и напаѓачка формација „седум на шест“.

ИСЛАНД: Иако не е во врвот на европскиот ракомет, Исланд е селекција што има одлични ракометари и која знае да одигра квалитетно, па затоа е редовен учесник на сите големи натпреварувања. На ЕП 2018 Исланѓаните беа единствените, по европскиот првак Шпанија, што му нанесоа пораз на вицепрвакот Шведска. Нивниот сериозен пристап кон играта го демонстрираа и во последните квалификациски дуели со Турција и со Грција (32-22 и 35-21), а имаа четири победи (Бразил, Холандија и двапати над Бахреин) и еден пораз (Норвешка) во подготвителните мечеви за СП 2019. Негуваат типичен скандинавски стил на игра, со цврста одбрана, во формација 6-0, каде што одличниот Арон Палмарсон со својата ракометна луцидност прави сите околу него да играат подобро. Од левата страна се ветеранот Гудјон Валур Сигурдсон, кој е задолжен за реализација на брзите контри, и левиот бек Олафур Гудмундсон, а десно се одличните Рунар Карасон и десното крило Стефан Сигурмансон, кој зад себе има одлична сезона во Сегед. Исланд и Македонија често беа ривали во бараж-дуелите за пласман на големите натпреварувања, а на последните две првенства (ЕП 2018 и СП 2017) беа во иста група.

ЈАПОНИЈА: Со оглед на тоа што првите мечеви на шампионатите секогаш се најтешки, пред сѐ поради притисокот за со победа да се почне првенството, дуелот со Јапонија ќе биде најтешкиот за Македонија во Минхен. Јапонците не се ракометна земја, но со ангажманот на исландскиот селектор Дагур Сигурдсон нивната игра добива на квалитет. Во изминатава година, откако е селектор на Јапонија, Сигурдсон експериментира со издржливоста и брзината, надградени со европско-скандинавски стил на игра. Според зборовите на чешкиот селектор Јан Филип, по поразот од Јапонија, Јапонците имаат 50 отсто повеќе сила во второто полувреме и нивната игра се сведува на долги и бавни напади, со многу додавања, со кои го исфрлаат од ритам и концентрација противникот. Долгите напади значат и помалку напади во текот на натпреварот и помалку голови, помалку загубени топки и контранапади за противникот.

БАХРЕИН: Со доаѓањето на исландскиот стратег Арон Кристијансен, но и со неговиот претходник, Исланѓанецот Гудмундор Гудмундсон Бахреин направи голем исчекор напред кога е во прашање модерен пристап кон ракометната игра. Репрезентацијата е составена само од ракометари што настапуваат во шампионатот на Бахреин. Прво име во составот е централниот бек Хусеин Алсајад, од кого зависи креативноста во играта, како и индивидуалната реализација, а веднаш до него е универзалниот играч Али Мерза Али, кој игра на сите три бековски позиции. Под влијание на исландските стратези, Бахреин игра одбрана во формација 6-0, во која централна улога имаат Мохамед Абдулреда и Хасан Мадан.