Ханс Кундани
Дали навистина има поента да се зборува за „европски вредности“?
Приврзаниците на европскиот проект сакаат да зборуваат за основна група „европски вредности“ за кои тој се залага. Во време кога Европската Унија е загрозена однатре и однадвор, идејата е особено примамлива. Таа ја трансформира ЕУ од субјект што едноставно ги гледа своите интереси, како и секоја друга држава или група држави, во „нормативна сила“, за која уверливо може да се каже дека го прави светот подобро место за живеење.
Се чини дека луѓето што зборуваат за „европски вредности“ воопшто не ни помислуваат дека идејата како да е позајмена од Семјуел Хантингтон. Таа сугерира дека меѓународната политика претставува „судир на цивилизации“ поделени по културни линии.
Но дали „европските вредности“ воопшти имаат некаква смисла? Тие би требало да бидат вредности што, од една страна, ги имаат Европејците, а во исто време се разликуваат од вредностите што ги имаат луѓето од другите делови на светот.
Постојат некои универзални апстрактни вредности што се широко споделени низ целиот свет. Можеби постојат и такви што би можеле да се наречат „западни вредности“ (иако, се разбира, и тие претставуваат цивилизациска идеја). Но штом ќе се обидете да бидете поконкретни и да ги идентификувате препознатливите „европски“ вредности, разликите во Европа – т.е. меѓу Европејците – стануваат толку очигледни исто како и разликите меѓу Европа и остатокот од светот.
Кога луѓето зборуваат за „европските вредности“, тие обично идентификуваат две работи – прво, збир на вредности во кои Европејците наводно колективно веруваат и, второ, збир на вредности, кои се отелотворени во институционалните структури и политики на ЕУ, односно вредностите на ЕУ. Далеку од очигледно е дека двете работи одат заедно.
Европејците колективно може да веруваат, на пример, во демократија. Но настрана од очигледната поента дека тие не се единствените, тешко е да се тврди дека демократијата е конкретна „европска“ вредност со оглед на тоа што една од главните критики против ЕУ е дека таа е недемократска.
Со намера идејата за „европските вредности“ да има смисла, Европејците, сигурно, исто така, на некој начин би требало колективно да им бидат посветени ним на некој начин што оди подалеку од чистата реторика. Со други зборови, Европејците мора да живеат според овие вредности, наместо едноставно само да ги декларираат.
Основачкиот договор на ЕУ тврди дека таа е заснована на вредностите за почитување на човечкото достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и почитување на човековите права. Но ЕУ е мошне недоследна во начинот на кој таа ги промовира овие вредности надвор од нејзините надворешни граници.
Сигурно може да се тврди дека ЕУ промовираше демократија, човекови права и владеење на правото во своето соседство, како што се прошируваше. Но дали ЕУ ја промовира демократијата и го поддржува човечкото достоинство кога се справува со авторитарни режими или ги враќа бегалците во небезбедни земји или, пак, дозволува да се удават во Средоземно Море?
Вредноста за која најверојатно најмногу може да се тврди дека е „европска“ е владеењето на правото. Конечно, ЕУ не е ништо друго освен збир на правила, а и создавањето правила е токму тоа што го прави ЕУ. Но, сепак, е проблематично.
Покрај вообичаената реторика, ЕУ прави многу малку за да го почитува владеењето на меѓународното право надвор од своите граници. На пример, една од главните закани за владеењето на меѓународното право е кинеската анексија и консолидација на острови во Источно и Јужно Кинеско Море. ЕУ во случајот се повикува на „принципиелна неутралност“, но во практика е далеку од неа. Франција одамна ја повика ЕУ да ја поддржи слободата на поморска навигација, но речиси и да не наиде на поддршка. Во меѓувреме, Британија, која е во процес на напуштање на ЕУ, заедно со САД, всушност презема активности за поддршка на владеењето на правото во Азија.
Брисел се повикуваше на идејата за „европски вредности“ за да ги оправда санкциите против Полска и Унгарија за прекршување на националното владеење на правото. Проблемот е што ЕУ претходно ја искористи истата реторика за да ги спроведе фискалните правила на еврозоната и задолжителните квоти за бегалци и на тој начин ја дискредитира.
Излегува дека инсистирањето на ЕУ на правилата не е европска идеја, туку навистина германска, и тоа е всушност голем дел од внатрешните проблеми на ЕУ. Многу од конфликтите во ЕУ се однесуваат на отпорот кон правилата за кои се смета дека се наметнати од Берлин и кои го поткопуваат суверенитетот на земјите-членки. Ова стана очигледно за време на кризата со еврото, што може да се смета за битка меѓу германскиот пристап заснован на правила и францускиот и јужноевропскиот пристап заснован на дискреција.
Во практика, дури и владеењето на правото се чини ги дели Европејците исто колку и што ги обединува. Можеби тоа е вредноста во која веруваат многу „проевропејци“, но тоа не ја прави карактеристична „европска вредност“ и исто како и за другите „европските вредности“, не мора да значи дека сите Европејци ја поддржуваат.
Авторот е виш научен соработник во „Чатам хаус“