Лидерите на ЕУ вчера, рано изутрина, по маратонски разговори, успеаја да постигнат договор за мигрантите на дводневниот самит на Унијата во Брисел. Заклучоците не ги задоволуваат сите, но беа неопходни за да се спаси шенген-зоната, посочуваат европските претставници.
Италија повеќе часа се закануваше дека ќе ги блокира заклучоците од самитот ако другите 27 членки не се согласат на поголема солидарност за мигрантите. На лидерите се договорија да се отворат центри за прием на мигранти на европска територија на доброволна основа и да се разгледа опцијата за отворање слични центри надвор од ЕУ. Тие би можеле да се отворат во Северна Африка, но Тунис и Мароко веќе ги одбија.
Лидерите на ЕУ одлучија и да ги зајакнат надворешните граници на Унијата, со поголема финансиска помош на Турција и Северна Африка за да не се случат повеќе истите бранови на мигранти како во 2015-та.
Германската канцеларка Ангела Меркел, од чиј успех на самитот зависеше и нејзината коалициска влада, порача дека текстот е задоволителен, но призна дека разликите околу имиграцијата остануваат.