Двата англиски тима успеаја да се пласираат во нокаут-фазата во Лигата на шампионите, додека италијанските ќе мора да се задоволат со играње
во утешната Лига Европа
Двата англиски тима, Ливерпул и Тотенхем, го фатија последниот воз што води во нокаут-рундата во Лигата на шампионите (ЛШ). Двата италијански тима, Наполи и Интер, не успеаја да стигнат до посакуваните резултати во последното коло и ќе мора да се задоволат со настап во утешната Лига Европа (ЛЕ) напролет.
Ливерпул во возбудлив драматичен и резултатски неизвесен дуел на стадионот „Енфилд“ го совлада Наполи со 1-0. Најзаслужни за триумфот на „црвените“ беа двајца фудбалери. Мохамед Салах, стрелецот на победоносниот гол во 34 минута, негов 14-ти во ЛШ, се израмни со клупската легенда Иан Раш (Стивен Џерард е рекордер со 30 гола). Салах го постигна 35-от гол, плус има 13 асистенции на 38 натпревари во сите конкуренции на „Енфилд“. Честитки заслужува и голманот Алисон Бекер, кој во 92 минута го одбрани ударот на Аркадиуш Милик од непосредна близина. За истакнување е и Џемс Милнер, кој ја забележа деветтата асистенција во ЛШ од почетокот на ланската сезона, колку што заедно имаат Лионел Меси, Нејмар и Лука Модриќ!
– Да знаев дека Алисон е толку добар, ќе платев двојно повеќе пари за него (неговиот трансфер летово од Рома изнесуваше 72 млн. евра – н.з.). Голот што го постигна Салах беше неверојатен, но за одбраната на Алисон немам зборови, тој нѐ спаси вечерва, тоа беше најдобрата одбрана сезонава. Каков меч, мислам дека ниту еден менаџер не може да биде посреќен и погорд на своите играчи отколку што сум јас во моментов – изјави по мечот менаџерот на Ливерпул, Германецот Јирген Клоп.
Ливерпул остана непоразен на 19-от европски меч во низа на „Енфилд“ (14 победи и пет ремија) и првпат по 2008/2009, две сезони во низа е во нокаут-рундата.
Тотенхем во „невозможната мисија“, како што кажа менаџерот, Маурисио Почетино, ремизира на гости против Барселона, 1-1, во чии редови ги немаше Меси, Пике, Алба, што значеше пласман во осминафиналето. Тотенхем беше далеку од пласман меѓу 16-те најдобри откако по првите три кола освои само еден бод, но потоа се поправи и успеа да се искачи на втората позиција. Заслуги за успехот има и директниот конкурент за тоа место, Интер, кој на последните три дуели не забележа ниту една победа, а во решавачкиот меч одигра нерешено со ПСВ, 1-1, на својот терен „Џузепе Меаца“. Мауро Икарди даде гол на 200-от меч за Интер, трет на последните три меча дома во ЛШ, но и тоа не беше доволно за настап во нокаут-фазата.
В понеделник ждрепка за осминафиналните дуели
Ждрепката за осминафиналните двојки е закажана за понеделник, 17 декември, напладне во Нион, Швајцарија, седиштето на Европската фудбалска унија (УЕФА). Ќе има два „барабана“, во првиот ќе бидат првопласираните осум екипи во групите, а во вториот, второпласираните. Ждрепката ќе биде полудиригирана, што значи дека во оваа прва нокаут-рунда меѓу себе нема да играат првопласираните тимови во групите и тимовите од иста земја. Тоа значи дека ќе нема дуели како Реал- Барселона, Манчестер С. – Манчестер Ј., Јувентус – Рома итн.
Првите осминафинални натпревари ќе се играат на 12/13 и на 18/19 февруари, а реваншите на 5/6 и на 12/13 март 2019 година. Домаќини на првите мечеви се второпласираните тимови во групите.
Во иднина мечевите во ЛШ во сабота и во недела?
Дебатите за реформите и новите формати во фудбалот не запираат. Според германскиот таблоид „Билд“, Европската фудбалска унија (УЕФА) размислува за промени во Лигата на шампионите (ЛШ), кои се однесуваат на деновите на одигрување на натпреварите.
Наместо во стандардните термини, во вторник и во среда навечер, натпреварите во ЛШ би се играле за време на викендот, во сабота и во недела. Како главна причина за ова се наведува можноста за поголема заработка, како од продажбата на билетите, така и од поскапите ТВ-права за преноси на мечевите што би биле погледани во викендите. Таквите планови се однесуваат на периодот по 2024 година.
Според претседателот на УЕФА, Словенецот Александер Чеферин, две експертски групи веќе работат на тие реформи, а евентуална одлука би можела да следува во 2019 година.
Со тоа сигурно би настрадале националните лиги што допрва треба да се изјаснат за таа измена, бидејќи тимовите би морале домашните натпревари да ги играат во вторник и во среда. Според „Билд“, германската фудбалска лига е против таквата идеја.