Диаз-Канел го менуваше Кастро на големите политички настани, ги пречекуваше странските претставници и патуваше во странство како претставник на Владата. Сепак, ако се земе предвид дека Диаз-Канел го нема угледот на Фидел и на Раул Кастро како историски лидери на револуцијата, неговата способност да има авторитет ќе зависи од подобрувањето на економијата и на животните услови во земјата
Кубанскиот потпретседател Мигуел Диаз-Канел е наследникот на 86-годишниот лидер Раул Кастро, со што ќе заврши шестдецениската ера на политичката династија Кастро, родена по револуцијата од 1959 година. Се очекуваше кубанското собрание вчера да го именува 57-годишниот Диаз-Канел за нов претседател на Куба. Новиот претседател потекнува од помладата генерација лидери и се залагаше за модернизирање на островот. Но Диаз-Канел исто така важи за долгогодишен апаратчик на Комунистичката партија, од кого сепак не се очекува да направи големи политички промени во државата, оценува „Ројтерс“.
Како млад провинциски партиски шеф, Диаз-Канел честопати изгледаше дека е во тек со времето, за разлика од неговите постари претходници Раул и брат му Фидел, кои владееја со карипскиот остров во изминатите шест децении. Тој исто така ја наруши партиската ортодоксија, поддржувајќи културен центар за ЛГБТ-заедницата.
Аналитичарите истакнуваат дека, сепак, на крајот не може да се избегне впечатокот дека Диаз-Канел е кандидат избран лично од Кастро, а довербата ја доби преку тридецениската партиска работа, држејќи се строго до партиската линија за клучните политички и економски прашања. Неговите неодамнешни јавни настапи се фокусираа на потребата од континуитет и борба против империјализмот, што претставува порака за пркос, додека Куба се соочува со обновување на тензиите од САД, откако претседателот Доналд Трамп влезе во Белата куќа.
– Има причини да се очекува дека тој ќе биде пофлексибилен, помодерен. Но исто така нема докази што му одат во прилог дека е реформист и дека ќе го напушти еднопартискиот систем или дека ќе престане да го фаворизира државниот сектор во однос на приватниот сектор – истакнува Артуро Лопез-Леви, поранешен аналитичар во кубанската влада, кој израснал во Санта Клара, родниот град на Диаз-Канел, а сега е професор на универзитетот „Тексас“.
Политичките позиции на Диаз-Канал во најголем дел и натаму се енигма. Политичките кампањи се забранети во Куба, а Диаз-Канел ги избегнуваше јавните шоуа, кои ставија крај на кариерите на другите политички претенденти во изминатите години.
„Ројтерс“ наведува дека многумина Кубанци, фрустрирани со бавниот економски напредок под Кастро, се надеваат дека Диаз-Канел едноставно купува време, сѐ додека не може тој да ги носи главните одлуки. Сепак, неговиот простор за маневар ќе биде ограничен, бидејќи Комунистичката партија останува главната политичка сила и ќе биде предводена од Кастро до 2021 година. На страната на Кастро во партиското раководство ќе биде неговиот стар револуционерен пријател, 87-годишниот Хозе Рамон Мачадо Вентура.
– Тој е човек во кој Раул има доверба и тоа му дава влијание и почит помеѓу војската и старата револуционерна гарда – оценува Карлос Алзугарај, пензиониран кубански дипломат.
Според „Ројтерс“, Диаз-Канел го менуваше Кастро на големите политички настани, ги пречекуваше странските претставници и патуваше во странство како претставник на Владата. Сепак, ако се земе предвид дека Диаз-Канел го нема угледот на Фидел и на Раул Кастро како историски лидери на револуцијата, неговата способност да има авторитет ќе зависи од подобрувањето на економијата и на животните услови во земјата.
– Новиот претседател ќе мора да создаде нов политички консензус, тој нема да го наследи тоа. За два до три месеци, луѓето ќе почнат да прашуваат зошто нивниот живот не е подобрен – истакнува Рафаел Хернандез, уредник на магазинот „Темас“, кој е поврзан со Министерството за култура, но има реформаторски ставови.