Сигурно на секој рибар му се случило да фати крап, а потоа кога ќе се обиде да
го извлече од водата да забележи дека конецот е скинат, а јадицата му ја нема

Повеќето ципридни риби имаат заби, но кај крапот тие се многу јаки. Доволно е да се каже дека крупниот крап стиска со забите исто како човекот, а поголемите примероци дури и посилен. Крапот има две вилици со по пет заби и плочки за џвакање, кои се наоѓаат над забите. Движењата со забите им се најслични со оние на кравите и тие притоа мелат сѐ што е тврдо, а потоа го натопуваат со ензими, кои се произведуваат од жлездите што се распоредени по мекото ткиво околу вилицата.
Со овој систем крапот ги крши и многу тврдите материјали како што се школките, оклопот од раковите, куќичките од полжавите, тврдите инсекти, сувите житарици итн. Вака раздробената храна натопена со ензими, оди директно во цревото, оти крапот нема желудник.

Сигурно на секој рибар му се случило да фати крап, а потоа кога ќе се обиде да го извлече од водата, да забележи дека конецот е скинат, а јадицата му ја нема. Ова може да се случи кога рибата лакомо ќе ја земе мамката и ќе ја префрли на месестите заби, кои можат да го скинат секој конец и да ги скршат или исправат и најјаките јадици.

Рибата е како и човекот, односно постојат доверливи и недоверливи риби, а ако на тоа се додаде и животното искуство, тогаш рибарот има многу итар ривал во водата.
Исто така, постојат невини и искусни риби. Невини се оние што никогаш не сретнале јадица или можеби само неколкупати во животот. Искусни, пак, се оние риби што многу години живеат во водата каде што многу често се лови, така што крапот едноставно многу добро знае што е мамка за јадица и затоа воопшто не е лесно да се улови. Токму ова е и доказ дека таму каде што има мноштво различни риби, многу е тешко да се улови крап капиталец.


Лов во отежнати услови

Кога се лови во отежнати услови, а особено ноќе кога процената и видливоста се многу намалени, најчесто доаѓа до ранување на дивата свиња од ловџиите. Притоа таа бега од видокругот на ловџиите и се крие во непристапните делови на ловиштето. Силната вегетација, пак, им овозможува успешно криење. Непрецизните погодоци при ноќен лов, кој обично се случува кај помалку искусните ловџии, често придонесуваат тие да се откажат од понатамошна потрага, мислејќи дека дивата свиња е промашена.
Искуствата се различни кога станува збор за потрага по ранета дива свиња. Во зависност од видот на ловиштето и од помошта на обучените ловџиски кучиња, тоа ловење е многу ризично во ноќни услови, оти ранетата дива свиња претставува опасност не само за кучињата туку и за самиот ловџија во текот на потерата по неа, имајќи ги предвид силната вегетација и непристапниот терен, а особено топлите летни ноќи и воздух. Сето тоа бара брза реакција од страна на ловџијата или ловџиите. Потрагата по ранетата дива свиња е неопходна заради намалување на штетите во ловството, а секоја загуба на дивечот треба педантно да се евидентира.
Но дивите свињи треба и да се хранат, односно да се одгледуваат. А нивната правилна исхрана во оградени простори, во голема мера влијае на успешното одгледување. Притоа треба да се има предвид дека храната што им се дава на дивите свињи треба да биде што поприродна, а поквалитетната храна е лимитирачки фактор во постигнувањето на нивната телесна тежина. Храната што им се остава да ја консумираат, било да се произведува од сопствени ниви или се набавува од страна, мора да биде разновидна по својот состав.