Многу често нѐ мачи прашањето како да си го олесниме процесот на чистење, а уште поважно е тој да биде доволно ефикасен. За среќа, постојат малку познати трикови што ќе ви помогнат вашата облека и куќа долго време да останат чисти и свежи.
Во продолжение ви споделуваме неколку неверојатни идеи поради кои никогаш повеќе нема да ви паѓа темница на очите кога ќе треба да исчистите или да исперете нешто.
Душекот за спиење дезинфицирајте го со спреј. Сигурно се прашувате како да го освежите душекот за спиење на кој поминувате значителен дел од денот. Се разбира дека не можете да го исперете. Но горните слоеви на душекот можете ефикасно да ги исчистите со спреј што содржи алкохол и вода во сооднос 1:2. Најпрво, поминете го со правосмукалка душекот, а потоа испрскајте го со алкохолниот спреј. Оставете го да се исуши. Алкохолот ќе го дезинфицира горниот слој од душекот и ќе ги убие бактериите што создаваат непријатна миризба.
Фрижидерот чувајте го свеж со помош на песок за мачки. Песокот за мачки добро впива миризби и влага, па затоа ако ставите мала кутија со песок во фрижидерот тој ќе мириса на свежо и чисто. Понекогаш и кога целата храна во фрижидерот е свежа, мешавината на миризби создава непријатно чувство. Најдобар избор за вашиот фрижидер е силициумскиот песок.
Блендерот во кој сте миксирале овошје, зеленчук или некаква каша, најдобро ќе го исчистите така што во него ќе ставите малку топла вода, детергент за садови и ќе го вклучите кратко да ја измиксира смесата. Потоа треба само да го исплакнете со вода.
Лимон во комбинација со сол е одлично решение за наслагите од бигор во домот. Пресечете го лимонот на половина ставете сол врз него и истријте ги кадата, чешмите, плочките и другите места каде што има бигор. Користете ситна сол за да не ја уништите површината на предметите што ги третирате.
Алиштата ќе ви бидат снежно бели, ако пред да ги ставите во машината за перење ги потопите во мешавина од детергент за алишта, избелувач и две-три таблети аспирин. Откако ќе отсто јат 15 минути, исперете ги алиштата вообичаено на температура од 90 степени.
За да им ја вратите бојата на вашите алишта додадете половина чаша сол во машината за перење или, пак, рачно исперете ги алиштата во мешавина од детергент и сол. Со само неколку перења боите на вашите алишта повторно ќе бидат впечатливи и јаки.
Тавата за пржење ќе ви трае двапати подолго доколку не ја миете веднаш по употребата. Најлесен начин да ја уништите површната на тавата е да ја миете додека сѐ уште е жешка. Почекајте да се излади, па потоа измијте ја.
Коцки мраз ќе ви помогнат да ги отстраните трагите од мебел на тепихот. За брзо да ги подигнете сплесканите делови од килимот на кој подолго време стоел мебел ставете коцки мраз да отстојат прекуноќ. Тепихот брзо ќе ја впие водата и трагите ќе исчезнат.
Искористената скара најдобро можете да ја исчистите со кромид. Исечете го кромидот на половина, набодете го на виљушка и тријте ја решетката додека сѐ уште е жешка. Кромидот ефикасно ќе ја исчисти скарата, а храната ќе ја направи повкусна.
Со обична креда можете ефикасно да ги отстраните трагите од мрсно на облеката или на тапетите на ѕидот. Истријте ја мрсната дамка со креда и оставете да стои пет минути. Потоа местото избришете го со влажна крпа. Ако дамките се појаки, повторете ја постапката неколку пати.
Вашиот златен накит повторно ќе изгледа како нов ако го исчистите со крпа натопена со пиво. Оваа метода користете ја само на златни парчиња, кои немаат драги камења, за да не ги уништите.
Налепниците од цени и декларации од новите производи најлесно ќе ги отстраните со помош на фен. Дувајте со фен на етикетата една до две минути и ќе ја отстраните без да остави никакви траги.
Со помош на лушпи од јајца можете да ги исчистите шишињата и вазните со тесно грло. Ставете лушпи од јајца, малку детергент за садови и вода во шишето и протресете. Оставете го шишето да постои неколку минути, а потоа истурете ја смесата и исплакнете го шишето. Ќе бидете изненадени од ефектот.