Зачестените изјави и споменување темни сценарија, а пред претстојниот референдум, но и пред речиси секој изборен циклус, се техники за ширење страв и заплашување
што биле и претходно практикувана стратегија, сметаат аналитичарите
Одредени апокалиптични пораки што ги испраќаат политичарите, и домашните и странските, за тоа што ќе се случи доколку во Македонија референдумот закажан за 30 септември не добие зелено светло од народот, помалку или повеќе создава привид на страв и вознемиреност кај обичниот граѓанин, страв што, според експертите, е сосема ирелевантен и непотребен. Создавањето на ваквата наелектризирана атмосфера кај граѓаните постојано се наметнува, а со тоа се врши некое бесмислено убедување дека доколку Македонија не влезе во ЕУ и во НАТО државата ќе се распадне, ќе се активираат радикалните структури во земјава и ќе дојде до промена на границите во регионот.
Ваквите мрачни сценарија се со единствена цел остварување одредени политички поени и омекнување на јавноста, а пред претстојниот референдум но и пред речиси секој изборен циклус во земјава се појавуваат техники за ширење страв и заплашување што биле и претходно практикувана стратегија, сметаат аналитичарите.
Вакво темно сценарио за Македонија, доколку не успее претстојниот референдум, последен изнесе и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој изјави дека надвор од НАТО, Македонија тешко ќе опстои. Тој во интервју за тиранската телевизија Клан рече дека Албанците во земјава посакуваат мир и добрососедски односи, но според Ахмети стабилноста можно е да биде нарушена доколку референдумот на 30 септември не помине кај народот.
Претходно, набројувајќи ги аргументите поради кои Македонија треба да го реши проблемот за името за да биде дел од ЕУ, европратеникот од Словенија и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, рече дека ова е последна шанса за Македонија да влезе во НАТО и во ЕУ, доколку таа не успее тешко земјава во иднина да направи нешто повеќе во однос на евроинтеграциите.
– Мислам дека сега е момент кога сите треба да застанат на иста страна, на страна на долгорочниот интерес на Македонија. Затоа што тешко е да се поверува дека некогаш повторно ќе се укаже толку поволна можност и дека ќе добие поддршка од сите меѓународни фактори за влез на Македонија во ЕУ и во НАТО. Ако не успее овој пат се плашам дека е ова последна шанса – рече Вајгл.
Во контекст на темава, експлозија на реакции во јавноста неодамна предизвика и академик Митко Маџунков, кој во интервју за хрватскиот портал „Експрес“ рече дека на земјава ѝ се закануваат темни сценарија во периодот што следува.
– Македонија доби покана уште во Букурешт во времето на Буш Јуниор, со цврсти уверувања дека ќе биде примена автоматски, штом се реши „спорот“ за името, но по потписот тоа сепак не се случи. Според мене, Македонија ѝ припаѓа на Европа, но НАТО е една анахрона појава, која не му треба никому, а најмалку на Македонија. Сега се опремуваат полигоните и се преместува оружјето, за Македонија, како во времето на Првата светска војна, повторно да се најде во центарот на крвави случувања, кога на народот му е скршен ’рбетот, а сега ќе му биде извадена и утробата. Балканот се плашеше од голема Србија, а добивме голема Албанија – тврди Маџунков.
Сепак, и покрај ваквите сценарија македонските граѓани досега во анкетите сметаат дека влезот на нашата држава во ЕУ не смее да биде по цена на националните интереси и на штета на идентитетските прашања. Македонија и досега била надвор од ЕУ и од НАТО, но има подобри перформанси од многу земји-членки. Исто така постојат и редица други држави што не се дел од овие сојузи, но остваруваат импресивни резултати и се високорангирани според животниот стандард. Оттаму и ние треба да постигнеме некое ниво со кое внатре нема да имаме проблеми и ќе обезбедиме владеење на правото, висок економски раст итн.
Професорот по меѓународно право, Лазар Лазаров, смета дека ЕУ и НАТО се неопходни за Македонија, но не и таа за нив. Тој објаснува дека нетрпеливоста меѓу политичките субјекти во земјава е на ниво на постојан судир и тоа поради ситно политичко профитирање, а на цена на националниот идентитет и името. Според него, поради тоа постојано живееме опкружени со закани за неуспех најпрво за преговорите за името, а сега и за референдумот што ќе донесе наш целосен распад, што според него е целосна бесмислица.
– Мислам дека Европската Унија од нас првенствено очекува да станеме попристојни, да почнеме да ги забележуваме тие елементарни норми на демократијата, за потоа да бидеме и рамноправна членка. Конспиративните теории за крајот на државава доколку не го решиме проблемот со нашиот јужен сосед се надвор од секоја логика и таквите треба да ги гледаме со резерва. И по септември, на ЕУ, доколку не успее референдумот и повторно не го решиме проблемот за името, сонцето ќе огрее и без тоа. Најважно е дека ние ќе треба да се смениме во нашите однесувања, и во однесувањата на институциите, кои пристапот и функционирањето треба да го засноваат врз закон, а не врз партиски одлуки или партиски врски – објаснува Лазаров.
Политикологот Милан Стефановски вели дека вакви злоупотреби и ширење лажни сценарија за распад на државава секогаш се актуелни во земјава особено пред изборните циклуси. Според него, тие „приказни“ се шират во јавноста единствено со една цел, а тоа е да се изврши притисок врз јавноста и ништо повеќе.
– Која е заднината на овие лажни конструкции во екот на референдумската кампања не ми е јасно. Единствено е познато дека се прават манипулативни заплашувања на народот дека Македонија ќе остане во изолација доколку народот се изјасни спротивно од намерите на Владата, а потоа нема да може да се гарантира за однесувањето на Албанците во земјава доколку планот не помине. Ќе дојде до промена на границите на Балканот, а со нив Македонија ќе биде жртвено јагне. Ваквите „проѕирни“ стратегии веќе се прочитани од граѓаните, а единствено што можам да апелирам е граѓаните да останат смирени и без паника и со ладна глава да се изјаснат по сопственото убедување на претстојниот референдум – заклучува Стефановски.