За да ја подобри транспарентноста во своето работење, како и да им овозможи на граѓанските здруженија, невладините организации и на поединци блиски до културата да предлагаат проекти од оваа област што ќе бидат прифатени и финансирани со средства од локалната самоуправа, комисијата за култура одржа средба со културните дејци од Кичево Така, во претходната календарска година, од страна на општината биле финансирани дури 15 проекти.
– Нашата општина е една од ретките во земјава што на најтранспарентен начин сакаат да го прикажат целокупното работење од областа на културата и трошењето на средствата предвидени за оваа намена. Затоа организиравме средба за да им овозможиме на граѓанските здруженија, невладините организации и поединци што имаат идеја да се вклучат во креирањето на програмата за оваа година.
Сите проекти што ќе бидат квалитетно и стручно изработени ќе бидат прифатени од нашата комисија, а потоа и од Советот на општината и целосно ќе бидат финансирани од наша страна. За оваа година за културните дејности се наменети 3.600 000 денари, плус средствата со кои располага и градоначалникот – потсети Ибраим Коча, претседател на комисијата за култура на општината Кичево.