Валцерот на рускиот претседател Владимир Путин со шефицата на австриската дипломатија беше повеќе од еден маркетиншки трик. Тоа беше забивање нож во срцето на европските либерални вредности
Кога Владимир Путин почна да игра валцер со австриската министерка за надворешни работи, Карин Кнајсл, на нејзината венчавка минатиот викенд, можеби сакаше да испрати сигнал дека Европа е таа што не сака да танцува со него. Но која Европа? Сигурно не станува збор за Европа на просветителството, која денес е олицетворение на либералните демократи, кои се борат да го спречат бранот на популистите.
Станува збор за една помрачна, пострашна страна на историјата и актуелните политики на Европа.
Меѓу другите моменти на венчавката, кои поттикнаа негативни коментари на социјалните медиуми, најзначајно можеби беше кога Кнајсл се поклони пред Путин, поточно се поклони со главата, слика што потсети на старите руски слики на кои болјарите му се поклонувале на царот. Но, според мене, стануваше збор за нешто друго, поопасно. Кнајсл лани беше назначена за министерка за надворешни работи благодарение на поддршката од австриската ултрадесничарска Партија на слободата, која е дел од владејачката коалиција, која сега исто така управува со министерствата за одбрана и внатрешни работи.
Путин точно знаеше како оваа сцена од венчавката ќе биде сфатена од страна на западните критичари. Во негов стил повеќе се активностите како капење во ледено езеро, вежбање зафати во џудо или покажување нови оружја отколку танцувањето. Така што ова беше големо изненадување што мачо-симболизмот на неговото претседателство одеднаш беше дополнет со нежен танц на романтична мелодија во едно австриско лозје.
Ова нема толку голема врска со славењето на љубовта на брачната двојка колку што е поврзано со тоа што ги удри либералните Европејци таму каде што ги боли, особено Ангела Меркел (со која Путин потоа оствари средба) и им нанесе удар исто така и на вредностите и политичката структура на Европа. Тоа што актуелната австриска влада го поддржа, многу зборува за тоа на што ќе треба сега да бидат подготвени нивните соговорници во Париз, Берлин и во Брисел. Со тоа што на власт е екстремно десничарската Партија на слободата, Австрија брзо се претвора во Путинов тројански коњ во срцето на Европа.
Размислете кој друг се прегрна со Путин на венчавката. Австрискиот канцелар Себастијан Курц, човекот што во јануари го убедуваше Емануел Макрон дека неговите политики ќе бидат целосно „проевропски“. Во заднина беше Хајнц-Кристијан Штрахе, вицеканцеларот и лидер на австриската ултрадесничарска партија, политичар чие неонацистичко минато е документирано. Русија на Путин одамна се етаблираше како поддржувач на екстремно десничарските групи во Европа. Но во овој случај го видовме рускиот претседател во една семејна атмосфера меѓу ултрадесничарите, кои имаат важни позиции во една европска влада, што се случува првпат досега. Дали италијанскиот заменик-премиер Матео Салвини, исто така од ултрадесницата, ќе биде новиот танцов партнер на Путин?
Австрискиот валцер на Путин беше повеќе од еден обичен маркетиншки трик за да покаже дека има пријатели на Западот, покрај тоа што Русија беше обвинета за труења со нервен гас и други дејства. Со тоа што наздрави на одличен германски јазик, тој успешно лично сигнализираше за неговиот капацитет да ја наруши амбиција на Европа „повторно да го врати ветерот во нејзините едра“, како што европските лидери изјавија лани.
Но тврдам дека најлошиот дел од летниот австриски валцер беше што ѝ одржа на Европа застарени лекции од минатото. Ако повоена Европа нешто значи, тоа дефинитивно е дека не можат да се игнорираат масовните злосторства, газењето на човечкото достоинство ниту одговорноста на оние што сториле такви криминални дела.
Не е лесно тоа што еден австриски министер за надворешни работи чија држава во моментот претседава со ЕУ, му се поклони на Путин токму кога тој се обидува да го натера Западот да ги прифати руските политики во Сирија, оние што од 2011 година придонесоа за половина милион човечки жртви. Исто така проблематично е што ова се случи кога се игнорираат барањата на Европејците да се ослободи дисидентот Олег Сенцов, кој штрајкува со глад во руски затвор и чиј живот виси на конец.
Но ова не е само една обична навреда за европските критичари. Путин ја поставува својата стратегија. Тој покажува колку многу би сакал да види како ултраконзервативни, христијански, антидоселенички, нелиберални политички сили ја преплавуваат европската политика, затоа што тој верува дека на тој начин Русија може најдобро да ги зачува стратегиските цели во создавањето на сферата на влијание. Поради тоа што на власт се луѓе како Кнајсл, Салвини и други, овој настан беше повеќе од пиењето чај со Марин Ле Пен во Кремљ кога таа се кандидираше за претседателка.
Кога сè ќе земете предвид на свадбените фотографии се појавува еден многу вознемирувачки елемент и е поврзан со темната и мрачна сенка на советско-нацистичкиот пакт од 1939 година. Какви и да се тактичките причини, тој договор на крајот беше стратегиска одлука, која целосно ги изложи на ризик либералните демократии и доведе до незапаметени ужаси во Европа.
Секако, танцот на Путин и на Кнајсл не е поразличен, но забележувам загрижувачки сигнали. Партијата Обединета Русија поврзана со Кремљ има формален договор со австриската ултрадесница. За разлика од повоена Германија, Австрија никогаш целосно не се помири со нејзиното пронацистичко минато. По 1945 година „Австрија зачудувачки лесно се извлече“, наведе историчарот Тони Џуд. Во денешниот свет постојат многу докази за тоа како на удар се најдоа основните вредности, особено оние „никогаш повеќе“. Кнајсл можеби беше несвесна за заднината на проблемот што самото по себе предизвикува загриженост. Но Путин, кој во минатото го оправда пактот од 1939 година, има малку историски сомнежи дека ќе им помогне на нацистичките симпатизери или на нивните далечни следбеници, сè додека му служат во неговата тактика за поделба на Европа.
Секој гест и збор се важни. Па, така, и оваа венчавка беше полна со симболизам. Несомнено, танцот меѓу Путин и Кнајсел поттикна огромен бес, особено од австриската опозиција, но и заби нож во интересите и главните принципи на Европа.