Од печат излегува новата книга „Кога заминав од Карл Либкнехт“ на наградуваната македонска писателка Лидија Димковска, во издание на „Или-или“. По ангажираната поезија во „Црно на бело“ и романите „Резервен живот“, „Но-Уи“ и „Скриена камера“, овој пат Димковска на читателите им подарува одлична збирка со раскази, меѓу кои пет од нив како целина го добија специјалното признание „Европско културно наследство“, во рамките на конкурсот за расказ „Европски приказни“ наменет за добитниците на наградата на Европската Унија за литература.
Лидија Димковска (1971, Скопје) е поетеса, романописка и преведувачка од романски и словенечки јазик на македонски. Објавила шест поетски збирки и три романи, преведени на повеќе од дваесет јазици. Ја добила македонската награда за дебитантско поетско дело, германската „Хуберт Бурда“, романските „Поесис“ и „Тудор Аргези“ и „Европската награда за поезија Петру Крду“. За своите два романа „Скриена камера“ (2004) и „Резервен живот“ (2012) ја добила наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, за „Резервен живот“ ја добила и наградата на Европската Унија за литература (2013), а била номинирана за американската награда за „Најдобра книга во превод“. Во 2016 год. го објавила романот „Но-Уи“, номиниран за наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и за меѓународната награда „Балканика“.