Фото: Дарко Андоновски

И во својата 95-та година, Ефтим Гашев пишува и издава книги, а последната содржи 6.000 афоризми

„Кога би избирал државен празник, јас сум за Први април!“, вели во еден свој афоризам Ефтим Гашев, кој и во својата 95-та година сѐ уште пишува и издава книги. Според него, реперот на демократските односи во општеството е слободниот хоризонт низ кој се движи и спровира сатирата.

– Се определив за сатиричниот афоризам како ударно средство против зачмаената филозофија на духовната дијалектика, за разоткривање на противречноста на општествениот универзум – напиша Гашев во предговорот на својата последна книга со 6.000 афоризми, издадена лани.

Тој е незадоволен од слабиот интерес на македонските издавачи за овој литературен жанр, кој во светски рамки е доста ценет, не само меѓу читателската публика туку и самите сатиричари се почитуваат поради својот истенчен творечки и критички дух.

„Сатирата на Гашев има една хумана димензија – си зела во задача на пророкот да му го покаже вистинското лице, оставајќи ги настрана совеста, моралот, благородноста, храброста, наспроти: недостатоците, глупоста, злобата, злоупотребата, криминалното однесување, срамните постапки“, напиша во својот осврт за последната книга со афоризми на Ефтим Гашев, Георги Барбаровски.

Гашев е автор и на делото „Нашата кауза“, затворенички мемоарски белешки, напишани за време на издржувањето на седумгодишната затворска казна (бил осуден на 12 години) во 1945 година, во времето на титоизмот. Бил осуден на тешка принудна работа, затоа што се борел за македонската национална кауза. Во затворот почнал да пишува поезија и, од бугарски и српски, на македонски да ги преведува Ботев, Радиќевиќ, Гете, Хајне и комедијата „Шума“ на рускиот писател Островски, која се играла во затворскиот „театар“.

Доколку го послужи здравјето, вели Ефтим Гашев, тој на македонската јавност ќе ѝ открие многу факти и историски вистини што со години ги чува, дополнува и селектира.

„Конечно, ајде здружено да ја запалиме пепелта на кодошите, судските и полициските досиеја, за никогаш повеќе да не пркне фениксот на синдромот на македонско самоуништување! Нека срамежливата демократска пролет го ороси хербариумот на нашата сланосана младост, на идеали и илузии, за да замириса мај…“, ќе напише Гашев во своите белешки.

Интересно за овој автор е што самостојно ги издава своите книги, кои не можат да се купат во продажба, но можат да се добијат како подарок.

Издал неколку книги со афоризми: „Драпаници“ (1992) и „Драпаници 2“, „Аритмија“ (2008), „Сончогледи“ (2011), „Кактуси“ (2013), „Осило“(2015) и „Панорама“ (2017), а сите ги обединил во книгата „Разводени мисли“, со 5.000 афоризми. Лани го издаде нејзиното дополнето издание „Афоризми 2“, со вкупно 6.000 афоризми.

Добитник е на повеќе награди за своите афоризми, но и за карикатурите што ги црта. Бил награден на фестивалите за хумор и сатира: „Ин Виница веритас“ (1994), „Тримери“ (2006), „Пјер“, награда за политичка карикатура во бивша Југославија (1990) и други. Автор е и на монодрами и сценарија за документарни филмови, а повремено се занимава и со правење скулптури. Во плурализмот, како пензионер, активно пишува политичка публицистика. Објавува текстови во дневните весници и во политичките магазини, а бил присутен и на страниците на „Нова Македонија“.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија.


Афоризми пишувани цел живот

Името на државата е на трансфер-листата.

Оглас: „Се издава татковината на неопределено време“.

Во државата не е толку црно. Знамето е бело.

На кодошот срцето не му бие. Отчукува.

Покрај граничната, шумската и финансиската полиција,
да формираме и историска полиција! За да нема кој да ј
а краде историјата!

Аукција: Букурешт првпат! Букурешт вторпат!
Букурешт… Продадено!

Изградивме триумфална! Да изградиме и капиџик на
порази!

Предвреме се раселивме! Ќе нема кој да оди во Европа!

Политичарите не се среброљупци, тие се златни луѓе!

Студентите некогаш разнесуваа млеко, денес ја
разнесуваат државата!

Побрзајте! Вакцината против бесот на народот е со
ограничено дејство!

Само во шаховската партија нема блефирање!
И во златната гарнитура пионот е пион!

Туркајќи го тркалото на историјата, заглавивме во калта!

Слободата не е слобода ако ја варди полиција!

Не чини Уставот! Ќе го менуваме секој месец!

Нема цензура! Журналистите не молчат, премолчуваат!

Затворивме маалски училишта, отворивме селски
универзитети!

Од книги не се живее! Книшка му е мајката!

Колку повеќе те потчукнуваат по рамениците, толку ти е
помала големината!

Колоната тргна кон Европа! Крстот го носат комшиите!

Тој е голем патриот. Кога ќе се опие паѓа за татковината!

Географите карти лошо ги мешаат, а уште полошо – делат!

Кога би избирал државен празник, јас сум за Први април!