ДЕНЕСКА ВО 12 ЧАСОТ ВО ДОМОТ НА КУЛТУРАТА „КОЧО РАЦИН“ ВО СКОПЈЕ

Денеска, кога се одбележува Светскиот ден на литературата за деца, уште една книга за најмладите читатели ќе ја здогледа светлина на денот. „Татковината во детските срца“ е насловен заедничкиот проект на додатокот за деца „Колибри“ во дневниот весник „Нова Македонија“ и ООУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје, во кој учествуваа ученици од трето до деветто одделение од ова училиште. Тие дадоа искрени и умни одговори на прашањето „Што е татковина“, а познати македонски писатели за деца напишаа стихови за татковината, што исто така се дел од оваа едукативно издание. Сѐ е украсено со цртежи на децата, со кои ги збогатија своите одговори, и со фотографии на поетесата Александра Донева, инспирирани од татковината, кои ќе бидат претставени и на промоцијата.

Книгата „Татковината во детските срца“, чиј автор е Марија Таушанска, новинарка во „Нова Македонија“ и долгогодишна уредничка на „Колибри“, ќе биде промовирана во домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, на 2 април, во 12 часот. Гости ќе бидат учениците од ООУ „Јан Амос Коменски“, писатели за деца, членовите на хорот „Златно славејче“, младиот гајдаџија Филип Атанаскоски, а водител на настанот е поетот Филип Димкоски.

– Одговорите на учениците од ООУ „Ј.А. Коменски“ на прашањето што претставува за нив татковина, се искрени, со избрани зборови, извираат директно од детските срца. Токму таа нивна чиста мисла и љубов ме поттикнаа овој проект да добие една своја целина, со учество на познати писатели за деца, но и на оние што допрва ја почнуваат својата писателска кариера и потрага по вистинските зборови и, на моја голема радост, сите веднаш и со огромно задоволство прифатија да учествуваат со свои песни за татковината. Се надевам дека во овие чудни времиња мудрата детска мисла за татковината и сите стихови на нашите писатели за деца што ја опеваат нашата лулка, дом, сегашност и иднина, ќе придонесат уште долго татковината да има важно место во срцата на денешните ученици, но и на оние што ќе седнат во училишните клупи по нив. Ќе ми биде многу драго доколку со овие размислувања, стихови и рими дадеме мал придонес почесто да се размислува позитивно за татковината и за она што таа ни го дава и овозможува и начинот на кој ние ѝ возвраќаме – вели авторката Марија Таушанска.

На промоцијата на книгата ќе се осврнат и Јованка Христовска од домот „Кочо Рацин“ и м-р Татјана Гогоска, комуниколог и авторка за деца.

– Тоа што децата добија ваква литература е од огромно значење и топло ја препорачувам книгата за наставно средство во училиштата на часовите по македонски јазик за видиците на овие млади, мали генерации да станат поголеми, колку што е голем поимот за татковината – вели Татјана Гогоска.

Заедно со писателот Трајче Кацаров, еден од рецензентите е и младиот поет Филип Димкоски.

– Да се поттикнат младите таленти да творат литературни дела за татковината значи да се биде чинител и продолжувач на една благородна мисија. Поради сѐ креативно и хумано што содржи оваа книга, која е завршеток на еден поопсежен и подолготраен проект, со радост и со восхит ги поздравувам сите учесници во него – истакна Димкоски.

Во книгата се застапени и мислењата на Елизабета Ивановиќ, психолог, и на Роза Василевска, одделенска наставничка во ООУ „Ј.А. Коменски“.

„Татковината во детските срца“ ја издаде НИК „Нова принт“ ДООЕЛ, техничкото уредување е на Владимир Хаџи Пулевски, а насловната фотографија е на Маја Јаневска-Илиева.