Кина е сериозен кандидат да биде домаќин на првото проширено клупско Светско првенство (СП) во фудбал, во јуни и во јули 2021 година, на кое би требало да настапат 24 тима. Агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП) пренесува дека за тоа треба да се решава на состанокот на Советот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) в четврток во Шангај.
Последните две изданија на клупското СП со по седум тима ќе се одржуваат овој декември и во декември 2020 година во Катар. Од 2021 година клупското СП треба да прерасне во турнир со учество од 24 екипи, кој би се одржувал секои четири години. Предвидено е да има осум европски екипи, победниците во Лигата на шампионите (ЛШ) и на Лига Европа (ЛЕ) од претходните четири сезони, но можни се и промени за тоа колку тимови може да има од една земја, пишува АП.
Според „Фокс спорт“, покрај осумте екипи од Европа, би требало да има шест од Јужна Америка, по три од Африка, Азија и од Северна Америка, како и еден тим од Океанија. Тимовите би биле поделени во осум групи, со по три екипи, а победниците на групите би ги продолжиле натпреварите во четврт-финалето.