Неодамнешната одлука да се објават пропагандни видеа снимени од напаѓачот што во февруари уби 17 лица во средното училиште во Паркленд, Флорида, разгневи многу преживеани меѓу учениците и роднини на жртвите
Многумина беа против одлуката и на социјалните медиуми побараа од новинските агенции да не ги објавуваат видеоснимките за да се намали публицитетот за осомничениот. Снимките беа објавени од властите од округот Бровард минатата недела, а некои медиуми ги објавија во целост. На една од видеоснимките осомничениот вели: „Кога ќе ме видите на вести, ќе знаете кој сум“. Ова предизвика неколку ученици од училиштето да ги обвинат медиумите дека на осомничениот му го даваат токму тоа што го сака и ја разгореа дебатата за веродостојното известување за масовните пукања.
Дали треба да се минимизира идентитетот на осомничениот? Карен и Том Тевез го поддржуваат овој став. Нивниот 24-годишен син Алекс беше убиен во пукањето во киното „Аурора“ од 2012 година заедно со уште 11 други лица. Двојката ја почна кампањата „Без лоша слава“, откако стана многу гневна затоа што медиумите цело време се фокусираа на сторителот на нападот. Карен Тевез смета дека илјадници жртви на оружено насилство ќе беа сè уште живи ако нивните предложени упатства веднаш беа воведени по масовното пукање во училиштето „Колумбајн“ во 1999 година.
Официјалните упатства за внимателно известување за убиство сега постојано се почитуваат од страна на медиумите од оваа причина, но не постои консензус за известувањата за насилство со масовни жртви, како што се училишните престрелки.
Податоците што беа собрани од страна на американската Училишна безбедносна мрежа на едукатори покажаа дека постои пораст на заканите и инцидентите со насилство во американските училишта по случајот во Паркленд. Истражувачите претходно изјавија дека ваквиот можен „период на зараза“ трае во просек околу 13 дена по нападот со голем публицитет.
Неколку од најкрвавите пукања во државата се случија во текот на шесте години откако Карен Тевез и нејзиниот сопруг Тим го загубија синот и ја почнаа кампањата. Таа вели дека има одредени подобрувања во фокусот на медиумите кон жртвите, но сепак претераното известување за сторителите „предизвикува големи фрустрации“.
– Ова испраќа порака дека ќе станете позната личност ако извршите убиство. Мораме да испратиме спротивна порака, дека нема да ве направиме славни – изјави таа за Би-би-си.
Професорката и авторка Џеклин Шилдкраут се согласува со изјавата. Таа ја посвети својата кариера на истражување за масовните пукања и медиумите. Криминологот случајно пораснала во Паркленд, каде што се случи пукањето годинава во февруари.
– Тој поединец сега стана славен. Девојките од целата наша држава испраќаа љубовни писма до неговиот адвокат. Никој не се загрижи за 17 лица што тој ги уби – порача таа.
Откако името на осомничениот стана популарно на Твитер, преживеаните од Паркленд упатија остри критики. Многумина се обидоа да го свртат вниманието од него со тоа што ги споделуваа имињата на жртвите во нападот, објавуваа среќни спомени и фотографии со нив. Шилдкраут исто така вели дека известувањето за пукањето во училиштето „Колумбајн“ во 1999 година помогна да се создаде еден модел според кој сторителите се претставуваа како маченици.
– Денес имате деца што се родени по настанот во „Колумбајн“ и ги знаат имињата на сторителите. Сите знаат како се постапува со разгалено или темпераментно дете, така што нема да му го дадете тоа што го сака, затоа што ќе продолжи да го прави истото или ќе мисли дека може да се извлече. Со ова само се поттикнува таквото однесување – смета таа.
Во непосредна близина на Паркленд, „Дејли вајр“ порача дека повеќе нема да ги објавува имињата или фотографиите од одговорните за идните напади. Водителот на Си-ен-ен, Андерсон Купер, исто така постојано бараше да се избегнува нивното именување за време на телевизиските преноси од пукањата. Но овој концепт останува предизвик за другите што известуваат за ваквите напади. Некои дури покажаа силна загриженост за концептот, со тоа што потенцираа дека вината неправедно се префрла кај гласниците.
Во статијата објавена во 2015 година, редакцијата на „Ју-ес-еј тудеј“ предупреди дека таквите мерки можат да ја попречат истрагата и да ризикуваат да се поткопаат другите олеснителни фактори во нападите, како што е пристапот до оружје.
Би-би-си одлучи да не ги објавува видеоснимките од осомничениот за пукањето во Паркленд, поради уредувачката политика, според која, не треба да се користи содржина што може да оправда или да поттикнува насилство. Но други медиуми и новински агенции сметаат дека користењето на видеоснимките е оправдано. На барањето за коментар, некои дури и ја бранеа својата одлука.
– Како и сите новински агенции, ние се обидуваме да ја држиме рамнотежата меѓу она што е очигледно нова информација дадена од органите за спроведување на законот, со легитимна загриженост за тоа како вознемирените лица и жртвите можат да реагираат на таквото известување. Еден дел од пренесувањето на целата приказна за оваа трагедија е да се испитаат мотивите на сторителот, како тој го извел кривичното дело и како се однесувал и какви ставови имал, без разлика колку е тешко да се гледаат – изјави портпарол на „Базфид њуз“.
Редакцијата во „Вашингтон пост“ исто така призна дека донеле тешка одлука за објавување на ваквите видеоснимки.
– Ова не се лесни одлуки за донесување и ги препознавме загриженостите околу лошиот публицитет во самата приказна. За секоја поединечна приказна мораме да разгледаме што е вредно за известување. Во овој случај, видеоснимките им помагаат на читателите подобро да ги сфатат животот и размислувањата на обвинетиот, што е важно за неговото кривично гонење – изјави портпаролката на весникот.