Македонската машка ракометна репрезентација (до 18 години) со максимални пет победи во пет натпревари ја заврши групната фаза на ЕХФ-шампионатот од дивизијата Б што се игра во Тбилиси, Грузија. Пред налетот на македонските кадети во последното 5-то коло во групата А, падна и Естонија, која беше совладана со 26-22 (16-7).
Иако ги имаа обезбедено пласманот во полуфиналето и првото место во групата А, жолто-црвените момчиња и во овој дуел влегоа максимално сериозно и мотивирано, покажувајќи ги своите квалитети. Сите дилеми за исходот од овој дуел беа решени во првите 30 минути, кога Македонија на одмор замина со предност од девет гола (16-7). Високата предност донесе мала опуштеност во македонскиот состав, но набргу играта беше вратена во претходниот ритам. Најефикасни во петтата победа на македонскиот состав беа пикерот Кристијан Симоноски, со седум гола, и централниот бек Дејан Џигероски, кој беше стрелец на пет.
Противникот на Македонија во утрешното полуфиналето (17.15 ч.) ќе биде познат по завршувањето на дуелот помеѓу Белорусија и Италија, кои во последното коло во групата Б ќе се борат за првото место на табелата. Македонија како првопласирана во групата А ќе вкрсти со второпласираната селекција од групата Б.