Протестите на „жолтите елеци“ не стивнуваат иако Макрон се откажа од некои од непопуларните економски мерки

Францускиот претседател не само што ја губи лидерската способност туку и ја отвора вратата за популизмот што требаше да го порази

Додека со воз патував од Братислава до Будимпешта, размислував за Франција и за тешката ситуација во која се наоѓа сега. Целта на моето патување низ Централна Европа беше да го проследам зачетокот на „нелибералната демократија“ на унгарскиот претседател Виктор Орбан, на која се противи Емануел Макрон. Заминав од мојата држава со развиена демократија, во регион во Европа во кој автократските националисти ја зацврстија својата моќ со тоа што си поигруваат со стравовите и омразата на народот.

Мојата перспектива е таа на привилегирана Французинка, родена на добрата страна од Железната завеса. Потекнувам од родното место на човековите права и имав намера да разговарам со луѓе што избраа лидери што се против вредностите на јавната слобода и толеранцијата на различностите, еднаквоста меѓу мажите и жените, поделбата на моќта и сè што ги претставува силата и единството на Европа. Со мојата Франција владее млад, демократски и харизматичен претседател. Така што за нив ми е жал што немаат доволно среќа да живеат на нашата страна од континентот.

Но исто така на тој воз прочитав за настаните што се случуваат сега во Франција, односно за протестите на „Жолтите елеци“. Ги забележав гневот и вознемиреноста кај средната класа протерана од благородните градови, ставена во незгодна ситуација со исчезнувањето на јавните услуги и локалните продавници, во која секој шести човек е невработен и втурнат во безизлезна ситуација поради ограничената куповна моќ.

Исто така го забележав политичкиот израз на насилство со омраза, со расизам и хомофобија, што потсетува на популистичкото движење во Франција од 1950-тите. Насилството беше силно раширено во држава што беше остро поделена меѓу градовите и предградијата, меѓу елитите и обичниот народ, меѓу победниците и губитниците од глобализацијата, држава што беше на работ на пропаста како одраз на омразата и радикализацијата што се таложеа од година на година.

Возот застана во Вишеград, родното место на Вишеградската група, односно коалицијата на Унгарија, Полска, Чешка и Словачка што стана позната по отфрлањето на секаква форма европска солидарност со мигрантите. Макрон отворено ја обвини Вишеградската група кога го критикуваше подемот во Европа на „популистичката и националистичка лепроза“.

Проблемот е што овој млад претседател сега ја загуби лидерската способност. Додека стоевме на станицата во Вишеград, вознемиреноста премина во друга насока. Каде е лепрозата? Дали е на Истокот или на Западот од Европа? За оние како мене што не гледаат друго решение, освен обединета Европа во еден глобализиран свет, за една Европа што се соочува со Кина и Русија и без поддршка од САД, Макрон беше дар од бога. Во 2017 година, бурните француски претседателски избори во еден момент изгледаа дека разврската ќе биде меѓу Марин Ле Пен и Жан-Лук Меланшон, кои се повеќе слични отколку различни, особено во заедничката омраза кон ЕУ. Човекот што ги победи двајцата беше реформатор, кој се појави од ведро небо, без поддршка од ниту една политичка партија или политичка заднина. Во замрената политичка клима, Макрон беше единствениот со оптимистични вредности, што беше спротивно на популистичките партии, кои се хранеа од омразата кон системот и елитите. На крајот ја освои Елисејската палата, со тоа што на прво место го стави непопуларниот европски проект, што беше многу ризична стратегија.

Париз викендов ги затвора туристичките атракции поради страв од насилства на протестите, а на улиците низ Франција ќе бидат распоредени дури 89.000
полицајци

Кочијата сега се претвори во тиква. Рејтингот на Макрон се сведе на 25 отсто. Анкетите на јавното мислење за изборите во Европарламентот закажани за в година предвидуваат дека рејтингот на партијата Национално единство на Ле Пен ќе се изедначи со Марш на републиката на Макрон, па дури може да биде и повисок. Според политикологот Паскал Перино, тој загубил три дела од неговите гласачи: левицата и умерената левица поради неговите фискални мерки во корист на богатите, кратењето на пензиите, како и средната класа и младите. Со последниот пример, Макрон ја губи поддршката и кај најниските слоеви, така што повеќе не постои центризам дефиниран според познатиот израз на Макрон „истовремено“.

Нашите претседатели отсекогаш ги мачел првобитниот грев. Никола Саркози го прогонуваше еден настан од почетокот на неговиот мандат, кога беше на одмор на јахтата на еден милијардер, а имиџот на Франсоа Оланд беше оцрнет поради неговите првични фискални политики. Макрон парадоксално загуби затоа што го заборави сопствениот слоган „истовремено“: даночните подароци за богатите инвеститори (рамен данок за секаков капитал) не беа избалансирани со добриот гест и за најсиромашните во Франција. Макрон нив ги заборави. Тој не сфати дека огромен дел од средната гласа едвај врзува крај со крај.

Не помогнаа неговите фрази за обележување на „луѓето што се никој и ништо“ и тврдењата дека „треба само да ја премине улицата и на сите ќе им најде работа“, а бунтот против поскапувањето на горивата беше капката што ја прелеа чашата. Поради неговото политичко неискуство, неговата интелектуална ароганција, надменост и што сам се сметаше за јупитерски херој, Макрон доби репутација на претседател на богатите. Сега, Франција, која ја претпочита еднаквоста пред слободата, му удри шлаканица в лице.

Макронизмот беше величествен, но досега не успеа ништо да постигне. Имам чувство дека е огромно губење време. Прошетката по Елисејските полиња и целата штета што ја направија демонстрантите даваат еден приказ на она со кое имаме работа сега. Најантипопулистичкиот лидер за кој Франција можеше да се надева всушност го подгрева популизмот. Ниту искуството на неговите колеги од центарот не резултира со ништо добро: Барак Обама го предизвика подемот на Доналд Трамп, Матео Ренци на Матео Салвини, а заминувањето на Ангела Меркел ќе резултира со хаос.

Дали Макрон нè води кон италијанското сценарио? Неодамна на еден состанок со градоначалниците изјавил дека „сфаќа зошто сите се гневни“. Да се надеваме дека добро сфатил. Мултилатерализмот исчезнува, големите сили ја покажуваат нивната моќ, а Европа се распаѓа токму кога е најпотребна. Иронично, на Британците им беше потребно да им се случи брегзит за да сфатат дека е предоцна.

Авторката е француска новинарка