Се очекува неизвесен дуел во Манчестер

Ако се оценува според резултатите од првите четвртфинални дуели, нема поголеми дилеми околу тоа кои четири екипи ќе се пласираат во полуфиналето, но, секако, не се исклучени изненадувања

Вечерва и утревечер во стандардниот термин (20.45 часот) се играат реваншите во четврт-финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал. Ако се оценува според резултатите од првите дуели, нема поголеми дилеми околу тоа кои четири екипи ќе се пласираат во полуфиналето. Но, имајќи предвид дека во минатото често се случувале големи резултатски пресврти и враќање на „отпишаните“ по негатива од три, па и четири гола, можно е да се случи некое изненадување. Посебно тоа важи за Ливерпул и за Барселона, кои на прв поглед имаат огромна, речиси недостижна предност пред вечерашните дуели со Манчестер сити, односно со Рома. Опомена за „црвените“ од Ливерпул е токму нивното историско „враќање од мртвите“ во она фамозно финале од 2005 година во Истанбул кога по првите 45 минути губеа со 0-3 од Милан.

Потоа за десетина минути израмнија на 3-3 и потоа на пенали ја освоија петтата титула европски првак. Сити важеше за голем фаворит по ждрепката, но и најпознатите британски обложувачници не го отпишуваат комплетно и покрај убедливиот пораз на првиот меч и ниту еден упатен удар кон голот на противникот, првпат по октомври 2016 година. Ливерпул не смее да го заборави првенствениот пораз на стадионот „Етихад“ (0-5), но Сити треба да се потсети на фактот дека вечерашниот ривал на осум важни натпревари постигнувал по четири и повеќе голови. По убедливиот триумф на стадионот „Енфилд“, драстично пораснаа и шансите на Ливерпул за освојување на титулата европски првак кај обложувачниците, зад Барселона, Реал Мадрид и зад Баерн.

Барселона има слично искуство како Ливерпул, но многу посвежо, од лани кога во осминафиналниот дуел со ПСЖ негативата од 0-4 во реваншот ја претвори во незаборавна победа со 6-1 во финишот од средбата. Барса е и единствениот тим што успеал да анулира негатива од четири гола. За Рома како искра надеж може да послужи податокот дека Ла Коруња во четвртфиналната пресметка против тогаш актуелниот шампион Милан во сезоната 2003/2004 првиот меч на Сан Сиро го загуби со 1-4, а во реваншот славеше победа со 4-0. Објективно, шансите на Јувентус и на Севилја се минимални, на гостувањата во Мадрид (Реал победи во Торино со 3-0) и во Минхен (Баерн славеше во Севилја со 2-1).

Но фудбалот е непредвидлива игра во која се можни разни изненадувања и останува надежта дека е можно да се повтори нешто слично како во реваншот Барса – ПСЖ. Ждрепката за полуфиналните двојки во ЛШ и во ЛЕ е закажана за в петок, во седиштето на УЕФА во Нион, Швајцарија. Како и во четврт-финалето и ова ќе биде отворена ждрепка што значи дека ќе нема привилегирани тимови и земји. Тимовите што први ќе бидат извлечени од барабанот ќе бидат домаќини на првите натпревари (24 и 25 април, реваншите се на 1 и 2 мај). Финалето е закажано за 26 мај во Киев. 

ВЕЧЕРВА
Манчестер сити – Ливерпул (0-3)
Рома – Барселона (1-4)

УТРЕ
Реал – Јувентус (3-0)
Баерн – Севилја (2-1)

Сите мечеви почнуваат во 20.45 часот.
Во заграда се резултатите од првите дуели


Продолжува шпанската доминација?

Доколку Реал Мадрид, Барселона и Севилја се пласираат во полуфиналето, шести пат ќе има три тима од една земја меѓу најдобрите четири. Шпанија тоа го посакува иако е тешко остварливо, но и со два тима ќе ја потврди својата доминација со оглед на тоа дека осма година во низа од шпанската Ла лига би имало две екипи полуфиналисти. Последен пат три тима од Шпанија во завршницата имаше во сезоната 1999/2000 (Реал, Барса и Валенсија). Рекордери во оваа категорија се англиските премиерлигаши, кои трипати, и тоа едноподруго, имале по три тима во полуфиналето, во 2006/2007 (Ливерпул, Челси и Манчестер јунајтед), во 2007/2008 (Ливерпул, Челси и Манчестер јунајтед) и во 2008/2009 (Арсенал, Челси и Манчестер јунајтед). Три тима полуфиналисти од една земја имаше и од Италија, во сезоната 2002/2003 (Милан, Интер и Јувентус).