Двете популистички партии, кои по 11 недели преговори едвај постигнаа договор за формирање влада, се закануваат со импичмент за Матарела и распишување предвремени избори. Причина за тоа е одлуката на италијанскиот претседател да го блокира именувањето на евроскептикот Паоло Савона за министер за финансии
Политичката криза во Италија се продлабочува, а претседателот Серџо Матарела се соочува со повици за импичмент откако го одби предлогот за министер за финансии во новата влада. Матарела порача дека не може да го именува евроскептикот Паоло Савона за министер поради загриженоста на инвеститорите и берзите. По ваквиот потег на шефот на италијанската држава, Џузепе Конте го врати премиерскиот мандат. Двете популистички партии, кои по 11 недели преговори едвај постигнаа договор за формирање влада, сега се закануваат со импичмент за Матарела и распишување предвремени избори. До предвремените избори, кои би се одржале во септември, можно е да биде именуван привремен италијански премиер, за што Матарела веќе разговараше со Карло Котарели, бившиот директор на ММФ, пренесуваат светските медиуми.
На средбата со мандатарот Конте, Матарела стави вето на изборот за министер за финансии, посочувајќи го неговото жестоко противење на членството на Италија во еврозоната.
– Неизвесноста за нашата позиција во еврото ги алармира италијанските и странските инвеститори. Ставот на Савона дури е и во судир со позициите кон Европа на двете партии. Побарав авторитетна личност од парламентарното мнозинство што е доследен на владината програма и што не го сметаат за поддржувач на линијата што би можела неизбежно да испровоцира излегување на Италија од еврозоната – порача Матарела.
Тој додаде дека Конте одбил да поддржи некоја друга опција за министер, по што го вратил премиерскиот мандат.
Како ново лице во политиката, Конте беше предложен од популистичките движења Пет ѕвезди и Лига, во обид да се стави крај на 11-неделната политичка криза во Италија. Луиџи ди Мајо, лидерот на движењето Пет ѕвезди, кое на мартовските избори освои најмногу гласови, изјави дека би требало да се отповика претседателот Матарела поради „предавство на државата“, бидејќи одби да го прифати Савона за министер.
– Бевме на неколку чекори од формирање влада и запрени сме бидејќи во нашиот кабинет беше министер што ја критикуваше ЕУ. Оваа институционална криза мора да биде изведена пред парламентот, а претседателот да биде истражен. За тоа ќе се повикаме на членот 90 од Уставот – истакна Ди Мајо.
Ројтерс наведува дека според членот 90 од италијанскиот устав, сите членови на парламентот би гласале за претседателот поради предавство или напад на Уставот. Доколку со просто мнозинство се поддржи барањето за импичмент, тогаш Уставниот суд ќе биде повикан да одлучи за тоа дали да го смени Матарала или не.
– Прво би требало да го активираме членот 90 и потоа да имаме избори бидејќи е неопходно кризата да се изнесе пред парламентот – додаде Ди Мејо.
Тој претходно порача дека одлуката на Матарела да го отфрли Савона за министер е неразбирлива.
– Во оваа земја можеш да бидеш осуден како криминалец, осуден за даночна проневера, да сториш злосторства против цивили, да бидеш под истрага за корупција и, сепак, да бидеш министер. Но ако ја критикуваш Европа, не можеш да бидеш министер за економија. И тоа тука не завршува – истакна Ди Мејо.
Неговиот, засега, несуден коалициски партнер и лидер на Лигата, Матео Салвини, изјави дека во Италија би требало да се одржат нови избори.
– Италијанците се на прво место, нивното право да работат, да бидат безбедни и среќни. Со недели деноноќно работиме за да формираме влада што ги штити интересите на италијанскиот народ. Меѓутоа некој вели не. Никогаш повеќе нема да бидеме робови, Италија не е колонија – порача Салвини.
„Кориере дела сера“ пишува дека партии веќе размислуваат за предвремени избори, кои би можеле да се одржат на 9 септември. Весникот наведува дека предвремените избори, ако се одржат, нема да бидат обичен тест на волјата на гласачите, туку и референдум за Европа, за еврото и за уставното уредување на Италија.
– Тоа е така бидејќи е јасно оти претседателството на Републиката, соочено со закана за импичмент, ќе стане во предизборната кампања една од целите на популистичкиот и суверенистички фронт – заклучува „Кориере дела сера“.
Во согласност со италијанското право, претседателот има овластување да одбие кандидат за министер, но оваа ингеренција ретко се користи. Според АФП, тоа досега се има случено најмалку трипати, вклучувајќи ја и 1994 година, кога тогашниот претседател Оскар Луиџи ги блокираше обидите на бившиот премиер Силвио Берлускони да го именува сопствениот адвокат Чезаре Превити за министер за правда.
Улогата на претседателот во најголем дел е свечена, но тој сепак има некои клучни овластувања, како што е именувањето премиер и можноста за распуштање на парламентот. Италија постојано се соочува со политичка нестабилност, а претседателот често се ангажира во текот на кризата. Матарела порача дека ќе почека пред да одлучи за распишување предвремени избори, и за вчера го повика на разговори Котарели. Котарели (64) работеше во ММФ од 2008 до 2013 година, кога почнаа да го нарекуваат господин ножички, поради кратењето на јавната потрошувачка во Италија.