Политичката криза во Италија, која веќе 12 недели е без влада, се продлабочи откако претседателот стави вето на евроскептичниот кандидат за министер за финансии, кој е голем заговорник за излегување на земјата од еврозоната
Италијанскиот претседател Серџо Матарела и кандидатот за премиер Карло Котарели вчера повторно разговараа, во обид за наоѓање излез од политичкиот ќор-сокак, во кој западна третата по големина економија во еврозоната. Котарели, како што јавуваат некои од италијанските медиуми, не успеа да обезбеди поддршка од големите политички партии и можеби воопшто нема да се мачи да полага свечена заклетва. Истовремено, Матарела по сѐ изгледа ќе распише предвремени избори или, пак, двете популистички партии повторно ќе се обидат да формираат влада. Политичката криза во Италија, која веќе 12 недели е без влада, се продлабочи откако претседателот стави вето на евроскептичниот кандидат за министер за финансии, кој е голем заговорник за излегување на земјата од еврозоната.
Италија нема влада уште од парламентарните избори во март, бидејќи ниту една политичка партија не може да формира мнозинства. Двата најголеми победници на изборите, популистичките – движење Пет ѕвезди и Лигата, се обидоа да формираат коалициска влада, но се откажаа од напорите откако претседателот стави вето на нивниот избор за министер за финансии – евроскептикот Паоло Савона. Матарела порача дека не може да го именува Савона на функцијата, наведувајќи ја големата загриженост на домашните и на странските инвеститори за таквиот чекор.
По ветото за Савона, лидерот на Пет ѕвезди Луиџи ди Мајо побара од парламентот да го отповика италијанскиот претседател. Тој подоцна повика на мирни протести и побара од приврзаниците да се обединат и да „направат голема врева“.
– Многу е важно тоа да го направиме заедно. Протести и демонстрации ќе бидат организирани во италијанските градови, вклучувајќи го и настанот во Рим на 2 јуни, на националниот празник – порача Ди Мајо.
Во меѓувреме, лидерот на десничарската Лига, Мато Салвини, исто така ја критикуваше одлуката на Матарела и повика на масовни протести, обвинувајќи ги ЕУ и Германија за мешање.
Најновите анкети покажуваат дека популистичките партии имаат силен рејтинг доколку бидат организирани предвремени избори. Главно прашање, по сѐ изгледа, ќе бидат односите помеѓу Италија и ЕУ. Но и другите партии, според Би-би-си, изгледа дека се расположени за нови избори.
– Би било најдобро да се оди на избори што е можно побргу, најрано уште во јули – порача Андреа Марцучи, лидерот на Демократската партија во италијанскиот сенат.