Асоцијацијата на Македонија како игротека може да се препознае и од јасните пораки на меѓународните претставници кога велат дека поминало времето на политичките игри. Но кој всушност ги игра тие игри? Дали се тоа само домашните политички субјекти или во игрите можеби се вклучени и странските посредници и политичари, се разбира секој од свој агол и за свои цели
Најновите политички надмудрувања околу решението за новото обвинителство, пописот, Изборниот законик, но и редица случувања поврзани со скандалот „Рекет“, како да направија од Македонија една голема игротека, во која секој е преокупиран со својата играчка. Асоцијацијата на Македонија како игротека може да се препознае и од јасните пораки на меѓународните претставници кога велат дека поминало времето на политичките игри.
Но кој всушност ги игра тие игри? Дали се тоа само домашните политички субјекти или во игрите можеби се вклучени и странските посредници и политичари, се разбира секој од свој агол и за свои цели?
Експертите се децидни дека, наместо суштински политички дијалог, за кој постојано јавно се говори и се очекува и од власта и од опозицијата за важни теми за земјава, политичките субјекти продолжуваат со своите монолози и со аргументите на силата наместо со силата на аргументите меѓусебно да се оцрнуваат и да го манипулираат народот. Речиси нема ден а да не стигне порака од странските политичари и дипломати во која се инсистира на политички дијалог за надминување на состојбата во Македонија во исчекување на датумот за преговори со ЕУ во октомври. Но паричката, секако, има и друга страна, која не треба да се запостави, тврдат нашите соговорници. Во таа насока, покрај јасно изнесените изјави на западните дипломати и обвинувања за недостиг од дијалог, на кои декларативно инсистираат и премиерот Зоран Заев и лидерот на опозицијата Христијан Мицковски, не треба да се заборави и фактот дека всушност овие игри на политичарите во земјава, кои неретко се косат со националните и државните интереси, биле всушност претходно составени токму од Западот. Многу често, и сега и во минатото, токму политиката на меѓународната заедница и на ЕУ кон Македонија била неконзистентна, што, во најмала рака, личи на играње игри. Тука, секако, може да се споменат и ветувањата, па одлагањата за добивање датум, изјавите за неопходноста од промена на името како единствен услов кон ЕУ, кои потоа се релативизираат со барање други реформи и други условувања итн. Со еден збор, игри без граници во игротеката Македонија.
Ова, според стручната јавност, наметнува дилема дали навистина недостига дијалогот, пред сѐ, за највисоките национални и државни интереси за кои декларативно се залагаат двете страни или на јавноста намерно ѝ се пласираат спротивставени информации, додека во тајност се водат преговори за точки што се од заеднички интерес на двете страни. Според дипломатот Ристо Никовски, високите посетители минатата недела дошле пред сѐ да ги реализираат сопствените интереси, а не нашите.
– Тоа што тие јавно се залагаат не е спорно, меѓутоа тоа што го бараат од нас самите не го прават. Најчесто зборуваат за владеењето на правото, а не признаваат хашка пресуда и поддржуваат нелегални и неуставни процедури во Македонија. Сѐ заедно, нивните барања мора да се земаат со резерва, бидејќи кријат пораки што се неповолни за нас, а нашите политички лидери треба да се залагаат за националните и државните интереси и помалку да водат сметка за барањата на Вашингтон и Брисел. Да спомнеме дека една од нивните главни цели беше да ја спасат Катица Јанева, која направи дар-мар во државата – оценува Никовски.
Од друга страна, политикологот Милан Стефановски вели дека ако не сме ги дефинирале заедничките интереси, ако немаме заедничка цел, ако немаме единствена визија за националните и државните интереси, за што тогаш да водиме дијалог на која било тема или област.
– Европската Унија и САД секогаш преку сите свои извештаи проблемите во Македонија ги делеше во две групи. Едната беше проблемот за името, кој се надмина, а другата беа и се домашните проблеми: владеењето на правото, независноста на судството, меѓупартискиот дијалог итн. Ако знаеме дека проблемот за името ни беше наметнат однадвор и имаме влада што во предизборието ветуваше дека ќе го нормализира дијалогот во општеството и во политиката, а денес имаме тотално спротивставена слика, останува да заклучиме дека народот се манипулира и непотребно се подгреваат тензиите што сепак се од надвор диригирани – вели Стефановски.
Инаку, пораки за транспарентна истрага, очекувања за почеток на преговори за зачленување во ЕУ наесен и инсистирање за вклученост на опозицијата во носењето на новиот закон за јавно обвинителство се барањата што ги испратија и Филип Рикер и еврокомесарот Јоханес Хан минатата недела.
И двајцата дипломати јасно порачаа дека за македонската иднина е важно владеењето на правото, бидејќи јавноста очекува истрагите да продолжат, и дека времето за политички игри помина. Но дали навистина поминало или можеби во иднина ќе бидеме сведоци и на нови продолженија? Се разбира, доколку и понатаму и домашните и странските политичари се однесуваат кон државава како да е нечија игротека или нечија желботека и спротивно од интересите и очекувањата на граѓаните и јавноста.