Во Археолошкиот музеј во Скопје, во едукативното катче „Млади археолози“, во средата се одржа креативната работилница „И јас можам“ со лицата од здружението за аутизам, АДХД и Аспергеров синдром и членови на здружението „Во мојот свет“.

Интересите на здружението, освен грижа и третман на овие лица, се и зголемувањето на свеста кај граѓаните и градење општество за подобро утре, а Археолошкиот музеј со оваа работилница, која беше дел од рамките на „Европски денови на културното наследство“, потсетува колку се важни инклузијата, давањето поддршка и придонесот во изградбата на едно такво општество.

– Како општествено одговорна институција што е музеј за сите, ја промовираме инклузивноста со редовно организирање едукативни работилници, кои имаат цел поттикнување на креативноста и имагинацијата на лицата со попреченост. Музејот има повеќегодишна соработка со посебното основно училиште „Иднина“ – Скопје, Центарот за церебрална парализа – Скопје, ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје, здружение на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет“, државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје, како и со здружението за помош и поддршка на лица со Даунов синдром „Вера“ – Струмица, каде што музејот преку својата претставничка Марија Димишковска се јавува и како поддржувач на манифестациите „Убави сме, свои сме“ и „Спортски игри на еднаквоста“ – велат организаторите на работилницата.

Археолошката едукативна работилница има програми за сите деца од предучилишна и училишна возраст. Интерактивните содржини и можноста за креативно изразување преку моделирање со глина, цртање и пишување им го привлекуваат вниманието на дечињата, кои одбираат да ги прославуваат своите родендени токму во катчето „Млади археолози“.

Музејот и во иднина најавува богата програма и организација на настани во кои редовно ќе ги вклучува сите деца.  


Дали сте знаеле…

Археологијата е наука што ги изучува материјалните остатоци, односно сите видливи траги на човечката дејност заради запознавање на нивната содржина во одредено време и простор, како и заради нивното значење во одредено социјално, економско и историско опкружување. Иако оваа наука вообичаено се поврзува со „старите работи“, односно со дамнешното минато, со неа се опфаќа временски период од најстарите материјални остатоци па до нашата сегашност. Регистрирањето и собирањето на овие наоди се прави со помош на теренски истражувања (рекогносцирање и ископување на материјалните остатоци зарди собирање матријал и формирање археолошка документација), по кои следуваат обработка, систематизација, документација на наодите и нивна анализа и интерпретација.
Цели на археологијата се да ги документира и објасни потеклото и развојот на човечката култура, човечка историја, културна револуција, и човечко однесување и екологија. Таа е единствената дисциплина што на располагање има своја методологија и теорија за собирање и интерпретирање информации врзани за незапишаното човечко минато, и исто така може да донесе критички придонес во нашето разбирање на документираните општества.
Основата на името археологија доаѓа од грчките зборови археос – прастар и логос – збор/говор. Со оглед на огромниот временски дијапазон опфатен со археолошки истражувања, утврдена е поделбата на повеќе археолошки периоди.
Во Европа праисториската археологија ги опфаќа палеолитот, мезолитот, неолитот, енеолитот, бронзената и железната доба.