Фото: Горан Анастасовски

Речиси сите видови лемури, примати од Мадагаскар, полека исчезнуваат

Научниците докажаа дека дивите животни, како пандите, орангутаните, тигрите и лавовите, можеби нема да ја доживеат 2020 година. Ако не се промени постојната ситуација, во следните две години ќе изгубиме две третини од популацијата на ’рбетниците.
На Светскиот ден на животните, 4 октомври, здруженијата што се грижат за нивниот опстанок предупредуваат за загрозеност на голем број животински видови и нивната лоша состојба во различни делови на светот. Целта на Светскиот ден на животните е да се подобри односот кон животинските видови во светот.
Едни од загрозените видови се и лемурите. Речиси сите видови лемури, примати од Мадагаскар, полека исчезнуваат.

Ова е заклучокот на меѓународната група на конзерватори, кои извршија процена на статусот на животните. „Прајмат спешалист груп“ ја разгледала и споредила најновата популација на лемури, како и заканите по нејзиното живеалиште и опстанок, па дошла до заклучок дека лемурите се најзагрозени примати во светот.
Рус Митермјер од хуманитарна организација „Глобал вајлдлајф конзервејшн“ дошол до алармантни заклучоци. Тој нагласи дека постои „многу висок ризик од истребување на единствениот тип лемури од Мадагаскар“.
Животните се соочуваат со разни закани, првенствено со уништување на нивните тропски живеалишта, поради нелегално сечење дрвја и рударство. Исто така лемурите ги ловат и за храна, а ги чуваат и како домашни миленичиња, што е сериозна закана за нивниот опстанок.

– Сѐ повеќе ги фаворизираат лемурите. Станува збор за комерцијален лов, веројатно заканата доаѓа и од локалните ресторани, а тоа е нов феномен на Мадагаскар – вели професорот Кристоф Швицер од „Прајмат спешалист груп“.
Ситуацијата е сериозна и најновото истражување треба да помогне да се најде решение за да се зачуваат лемурите.

Веќе се спомнува некаков план за спасување на лемурите, вклучувајќи ги и плановите за заштита на живеалиштата каде што живеат најзагрозените видови, но и преку екотуризмот и да му се помогне на локалното население во исхраната, за да не ги лови овие животни.
– Луѓето ги сакаат лемурите. Штом го објавивме акцискиот план, веднаш ни се јавија заинтересирани лица да помогнат, да донираат пари или други ресурси – вели професорот Кристоф.


Над 40.000 загрозени видови животни

На Земјата има повеќе од 40.000 загрозени видови животни. Според Комитетот на ОН за заштита на животните и природата, 100 животински вида исчезнуваат секој ден, за остварување профит. Меѓу најкритичните видови, кога станува збор за опстанок, се големите панди, тигри, морски желки, големи примати, слонови и носорози. Заштитниците на животни предупредуваат дека и во најразвиените држави во светот со уредено законодавство постојат „срамни исклучоци на загрозување животни“ и наведуваат примери за шпанската корида и англиската традиција за лов со кучиња, што е забрането. Како негативни примери се посочуваат и кинеските фарми за мечки што се одгледуваат за потреби на медицината, нехуман лов заради извоз на морски желки во Индонезија и Јапонија и низа други загрозувања за опстанокот на животните. Особено се укажува за загрозеноста на тигрите, кои делумно се истребени.