Големите епидемии бележат подем, а меѓународната заедница продолжува да прави основни грешки кога станува збор за превенцијата и за подготвеноста. Тоа е највидливо кај здравствените установи без пристап до чиста вода
Савио Карваљо
Помина една година откако Министерството за здравство на Демократска Република Конго (ДРК) прогласи нова епидемија на ебола на североистокот од земјата. Сепак, епидемијата не се ограничи и таа стана веќе второ жариште за пет години во ДРК, кое Светската здравствена организација (СЗО) го означи како итен јавен здравствен проблем што предизвикува меѓународна грижа. Тоа е најтешката ознака на СЗО и досега е користена само четирипати. Истовремено, тоа е и втора најголема епидемија на ебола регистрирана досега во светот.
Во моментот е достапна високоефективна експериментална вакцина против ебола, а екипите на терен работат напорно за да го стават вирусот под контрола. Но бидејќи жариштето е лоцирано во нестабилна конфликтна зона, шансите за ограничување се мали. Во првите седум месеци од оваа година беа извршени 198 напади против здравствени работници или установи за третман на ебола, при што беа убиени седум лица, а 58 други беа ранети.
Сепак, неуспехот да се ограничи актуелната криза е одраз на недостатоци што се протегаат надвор од ДРК. Иако се зголемуваат масовните епидемии, меѓународната заедница продолжува да прави погрешни потези, дури и во однос на најосновните аспекти на превенцијата и подготвеноста. Кога станува збор за болест како ебола, која е многу заразна и има стапка на смртност од околу 50 отсто, таквите пропусти имаат погубни последици.
Контролата на хигиената и снабдувањето со вода претставуваат првата линија на одбрана против инфекцијата. Источна Африка е еден од регионите со најлоша покриеност на мрежа со чиста вода во светот. Тоа важи и за здравствените установи. Според податоците од СЗО и на УНИЦЕФ, 30 отсто од болниците во Уганда имаат ограничен пристап до вода, што значи дека водата треба да се донесе во просториите. За другите здравствени установи, покрај болниците, тој процент се искачува до 54 отсто. Состојбата во ДРК е уште пострашна: 15 отсто од болниците и 51 отсто од неболничките здравствени установи воопшто немаат пристап до вода.
Без пристап до чиста вода за перење на креветите и на заштитната опрема или присуство на соодветни капацитети за здравствените работници да имаат доволно чисти раце, здравствените центри не само што нема да успеваат ефикасно да ги лекуваат луѓето, тие ќе станат и извор на болести. Во случајот со ебола, ваквите состојби можат да предизвикаат илјадници нови инфицирани лица и многу жртви, што претставува тежок удар за економијата, мирот и за стабилноста. Но оние што се директно погодени од ебола се само дел од проблемот. За време на епидемиите, здравствената заштита од други болести и рутинските услуги често се сериозно компромитирани, особено на места каде што здравствениот систем е слабо опремен и е недоволно финансиран. Само оваа година, илјадници лица во ДРК умреа од сипаници, бидејќи програмите за вакцинирање се намалени за да ослободат ресурси за борбата против ебола.
Ваквите големи здравствени катастрофи оставаат трајни рани кај една земја и нејзиниот народ. Тие имаат потенцијал да го намалат засилениот напредок во социјалниот и економскиот развој. Тие ќе бидат уште почести, поради факторите како што се конфликтите, слабото управување, отпорноста на лекови, климатските промени и масовната миграција.
Сè додека владите и меѓународната заедница не успеат да инвестираат во зајакнување на здравствените системи, епидемиите ќе продолжат да наметнуваат огромни трошоци врз заедниците пред да бидат ставени под контрола. Оперативните здравствени установи без извори на безбедна вода, тоалети и установи за миење на рацете се јасни примери за таков неуспех.
За среќа, постои причина да се надеваме дека работите се менуваат на подобро. Во мај, над 160 години откако беше воспоставена врската помеѓу хигиената и превенцијата од болести, државите лидери во СЗО усвоија резолуција насочена кон решавање на недостигот од вода, канализација и хигиена во здравствените установи во земјите со пониски и со средни приходи. Зголемената закана од епидемии и од сродните кризи, вклучувајќи го и ширењето супервируси отпорни на лекови, се чини дека конечно ги потресе светските лидери за да дејствуваат во однос на здравствената заштита во земјите во развој.
Сега заложбите се ставени на тест. Неодамнешната оцена на СЗО за појавата на ебола на ДРК беше критична, зашто треба да ја мобилизира меѓународната заедница да ги зголеми заложбите. Но ако светот сака да спречи нови здравствени кризи во Источна Африка, не може да бара кусогледи решенија. Наместо тоа, потребна е сеопфатна стратегија што ќе признае дека здравствените центри без пристап до чиста вода не се здравствени центри.
Авторот е директор на глобалните кампањи на „Вотерејд“