Според некои наставници, онлајн оценувањето не е реално ниту пак пожелно, па поради тоа Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието требаше, како и во многу други држави, да го изземат ова полугодие од оценување
ВО ТЕК Е ПРОВЕРКА НА ЗНАЕЊАТА НА УЧЕНИЦИТЕ ЗА МАТЕРИЈАЛОТ ШТО ДОСЕГА ГО ИЗУЧУВАА
Наставни ливчиња, тестови и писмени работи добиваат учениците периодов, еден месец по почетокот на новата учебна година, за да се провери нивното знаење. Наставниците и професорите проверките ги прават онлајн, а децата имаат одреден временски рок да завршат со тестот и резултатите да ги испратат на увид. По писмениот тест, секој ученик се испрашува и усно за да се види дали се поклопува она што го напишал со она што усно го знае.
Во едно скопско основно училиште, петтоодделенците вчера имаа тест по математика. Секое дете требаше да ги препише задачите во тетратка и да ги реши. Имаа доволно време да го сторат тоа. Во меѓувреме, камерите не им беа вклучени, а наставничката ги замоли да не мамат додека решаваат и да не им поткажува некој додека трае тестирањето. Се поставува прашањето, ќе бидат ли објективни оценките што ќе ги добијат учениците на првото тримесечје? Со какви проблеми се соочуваат учениците и наставниците додека трае тестирањето? Што е она што е најголем предизвик?
Зорица Милкова, одделенска наставничка во „Тоше Велков-Пепето“ во Кавадарци, која им е наставничка на четвртоодделенци, вели дека предизвиците со кои се соочуваат и наставниците и родителите и учениците се големи.
– Оваа година се соочуваме со реални проблеми во однос на оценувањето. Самата ситуација во која се наоѓаме бара од нас наставниците колку што можеме повеќе да им го олесниме процесот на учење на нашите ученици и притоа да ги извлечеме и да ги дадеме за учење најважните сегменти од секој предмет. Но како да го реализираме оценувањето? Јас лично користам повеќе алатки за реализирање тестови и проверка на знаењето. Контролните тестови ги реализирам преку Мајкрософт формс, но користам и Лајв уорк шидс. Но што се случува – моите учениците се четврто одделение и речиси по секој тест имам расплакани ученици, загрижени лица и нервозни родители, затоа што на половина час им паѓа интернетот на дел од учениците бидејќи немаат соодветни компјутерски уреди или не им се отвора тестот, трети не умеат да се снајдат бидејќи се сами дома и најголем проблем и во двете апликации е тоа што доколку ученикот не одговори точно како што јас сум дала во можните одговори тестот им се бодира нереално.
Па тоа повлекува дополнително испрашување, разговор со учениците што во тој момент поминуваат низ голем стрес кога ќе видат оцена 2 објаснувајќи им дека нема да биде таа оцена, дека дополнително ќе ги прашам и ред други непријатности – вели Милкова.
Според неа, оценувањето онлајн не е ниту реално, ниту пожелно.
– Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието требаше, како во многу други држави, да го изземат ова полугодие од оценување – додаде таа.
Наставничката Д.П., која инсистираше да остане анонимна, а имено работи во едно скопско основно училиште, наведе низа примери кога амбициозните родители им помагаат на своите деца кога ги решаваат тестовите, а тоа не е во ред.
– Ние точно знаеме кое дете реално колку знае. Сметам дека родителите се лажат самите себеси дека нивното дете е супер, дека добило петка, а се свесни дека имаат тие голем придонес во одличниот успех што го постигнуваат нивните деца. Во ред е родителот да помага и да работи со детето, но кога треба да се провери знаењето, треба да се види колку детето самостојно знае. Оценувањето како процес треба да се изведува со физичко присуство во училница. Не мора тоа да биде класично испрашување или прашања како за тест, квалитетниот наставник може и преку неформален разговор да види до каде е детето со усвојувањето на знаењата.
Ништо не може да го замени оценувањето во живо, тоа е најобјективно – вели наставничката.
Бирото за развој на образованието (БРО) објави упатство за начинот на оценување на учениците, во периодот додека тие учат од дома и имаат настава на далечина.
– Настава без следење и вреднување на учениците не може да има, односно тоа не би било настава. Следењето и вреднувањето на учениците е составна компонента на наставата и се одвива паралелно. Наставникот мора да ги испланира методите и техниките за следење. Мора да добие некаква повратна информација од учениците дали се постигнуваат целите на наставата и резултатите од учење – рекоа во Бирото за развој на образованието.