Формирање фонд за исплата на грозјето од околу 30 милиони евра, информации за откупната цена на винските сорти најдоцна до крајот на јуни тековната година и обезбедување алтернативен извоз ако цените се ниски, враќање на персоналниот данок на регистрираните земјоделци најдоцна до јуни наредната година, исплаќање на заостанатите субвенции во најбрз можен рок, исплата на редовните субвенции за одржување на лозовите насади до 14 февруари и паралелно реализирање на дополнителната поддршка… Ова се дел од барањата што регионалното здружение „Напредни лозари“ од Кавадарци ги упати директно до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа. Според Здружението, цените на грозјето се ниски, а причините за тоа се непазарно работење и затвореноста на пазарот. Тие укажуваат дека винарниците се договараат за откупната цена и ја објавуваат во последен момент, кога лозарите веќе мора да го берат грозјето.
– Дополнителен проблем и натаму е вишокот грозје, за кое преработувачите не се заинтересирани зашто им оди во прилог, ја намалува откупната цена, а може да се реши веднаш, со преработка во дестилат. Кога има вишок грозје доаѓа до намалување на цената, а тоа доведува до неекономично работење на лозарите. Нивните долгогодишни насади во кои многу инвестирале се осудени на пропаст. Кога има вишоци, предлагаме државата да изврши интервентен откуп, но да не им направи конкуренција на винарниците во делот на наливното вино, туку тој вишок да го направи дестилат. Нема да ја чини многу, а со неговата продажба ќе оствари и заработувачка. Дестилатот не е како виното, со рок на траење и скапо одржување, туку има неограничен рок и лесно се чува и продава – укажуваат од здружението.