Поединечни одвоени средби и консултации, наместо заедничка лидерска средба, се новиот пристап и модулот според кој ќе се информираат и координираат претставниците на државниот врв и на политичките партии за текот на процесот околу наметнатиот спор за имeто од страна на Грција

Поединечни одвоени средби и консултации наместо заедничка лидерска средба, барем засега, се новиот пристап и модулот со кој шефот на македонската дипломатија Никола Димитров ќе ги информира претставниците на државниот врв и на политичките партии за текот за разговорите во Виена во врска со наметнатиот спор за името од страна на Грција. Ова е официјалниот став на МНР откако Димитров во петокот минатата недела одржа средба со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, и со посредникот на ОН, Метју Нимиц во австриската престолнина.

Првичните најави во медиумите, по враќањето на македонскиот преговарачки тим од Виена, беа дека неделава ќе се одржи лидерска средба, но ваквата информација ја демантира вчера и самиот премиер Зоран Заев по средбата со Димитров, каде што, изјавувајќи оптимизам по последната рунда на разговори, рече дека поради велигденските празници лидерска средба засега нема да има. – Веројатно и поради други агенди на дел од учесниците, пред сѐ, од опозицијата, беше побарано овој постигнат напредок во разговорите да биде споделен на билатерални средби на министерот за надворешни работи со мене, со претседателот на државата, со претседателот на парламентот, со шефот на опозицијата и со лидерот на ДУИ, а по Велигден, на 10 април, на пример да се одржи лидерска средба, пред сѐ и како давање насоки и мислења пред следната рунда на преговори, која ја очекуваме по велигденските празници – рече Заев. Според премиерот Заев, лидерска средба за името би можело да се одржи по велигденските празници. Инаку, Димитров вчера попладне, според најавите, во Собранието требаше да има средба со претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, во текот на изминатиот ден информираа дека до пладнето немале добиено официјална покана за средба на лидерот на партијата Христијан Мицкоски со Димитров.

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија кратко дека нема да има лидерска средба ниту каква било друга средба поврзана со преговорите за името. Потврда за средба нема ниту од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов. Ваквиот развој на настаните поврзани со наметнатиот спор за името од страна на Грција и по разговорите по Виена, според познавачите на состојбите, е солиден, односно во секоја држава што решава проблем од национален интерес е за поздравување да има дијалогот меѓу политичките и државните чинители и тој дијалог да се одвива институционално преку брифинзи, а не со одлуки надвор од институциите донесени на лидерски средби, кои не носат ништо добро за државата. Таквиот досега често практикуван начин на племенско одлучување, кога четворица поглавари (лидери) решаваат важни државни прашања во тесен, затворен, изолиран круг, е во директна спротивност и со начелото на демократијата, го руши кредибилитетот на институциите и е параинституционално. Според долгогодишниот дипломат и познавач на состојбите за името Ристо Никовски, сегашните грчки амбиции се да ни го наметнат невозможното поради нашата практика на дефанзивна улога во преговорите, која може да доведе и самите да се ставаме во инфериорна позиција.

Според експертите, враќањето на процесот во институциите е добар сигнал, бидејќи досега често практикуваниот начин на племенско одлучување, кога четворица поглавари (лидери) решаваат важни државни прашања во тесен, затворен, изолиран круг е во директна спротивност и со начелото на демократијата, а го руши и кредибилитетот на институциите

– Средбата во Виена дефинитивно покажа дека позициите на двете страни во суштината се непомирливи. Се покажа дека ножот дојде до коска и дека понатаму нема каде да се оди. Нашиот министер тоа го кажа јасно, додека Гркот ни стави до знаење дека продолжение ќе има само доколку Македонија капитулира и ги прифати нивните невозможни барања. Следна средба можеби и ќе има наскоро, но таа веројатно ќе биде и последна, бидејќи практично и нема за што да се разговара. Се разбира, доколку Македонија не го прифати невозможното – вели Никовски.

Поранешниот амбасадор Никовски последните отстапки на Грција во однос на името ги коментира како смешни, односно, според него, грчката страна не отстапила од своите позиции во Виена, туку Атина само вешто изиграла во јавноста, објаснувајќи дека се согласила да нема слеано и непреведено име, позиција за која никогаш не станало ни збор за преговарање. – Грчката „флексибилност“ дека се откажува од споената географска одредница и непреведување на името е врв на нивниот безобразлук, бидејќи за такво нешто воопшто и не се разговара и се отфрла со индигнација. Тоа што ние го третиравме за напредок и таквите барања ја покажуваат само нашата инфериорна позиција во спорот – заклучува Никовски. Во меѓувреме, најновите неофицијални информации што доаѓаат од Грција се дека преговорите за спорот за името би можеле да резултираат со компромис за приемот во НАТО, со „надградба“ на статусот на Македонија на самитот во јули и ветување за полноправно членство кога ќе се промени Уставот.

Наводно, сега во центарот на преговорите е потпишување меѓународен договор помеѓу двете земји, кој би предвидел (како подоцнежна обврска) промена на Уставот и старт на процедурите што се неопходни за прием на Македонија во НАТО. Шемата за која наводно сега се преговара е, според договорот, на самитот во јули Македонија да добие „унапреден/надграден НАТО-статус“, а во документот да се стави категорично дека целосното членство во НАТО ќе ѝ биде доделено кога ќе биде завршена промената на Уставот. Во моментов статусот на Македонија е кандидатски, со тоа што промената на името, односно договорот со Грција е единствениот услов што ја дели од членство во Алијансата. Според медиумите, Ципрас преговара договорот да биде прифатен во грчкиот парламент, со мнозинство гласови, без Нова демократија на Мицотакис и Независните Грци на Каменос, без кои, сепак, има просто мнозинство од 151 пратеник – заедно со другите партнери во коалицијата. Според „Катимерини“, Ципрас е во „отворена комуникација“ со Заев, дека атмосферата е многу позитивна, но се држи далеку од очите на јавноста.


И Коѕијас ќе информира на поединечни средби

Од друга страна, во Грција, министерот Никос Коѕијас еден по еден ќе ги брифира лидерите на политичките партии за разговорите во Виена и за текот на преговорите за спорот. Наместо во грчкото МНР, Коѕијас со политичките лидери ќе се среќава во партиските седишта. Според најавите, како што пренесува МИА, вчера Коѕијас требаше да се сретне со генералниот секретар на Комунистичката партија на Грција, Димитрис Куцубас, а веројатно и со лидерот на партијата Потами, а за денес се предвидени разговори со лидерката на ПАСОК и Движење за промена, Фофи Генимата, и со претседателот на Сојуз на централисти, Василис Левендис. Последна ќе остане најголемата опозициска партија Неа демократија. Откако лидерот Кирјакос Мицотакис одби да го прими Коѕијас и побара да биде информиран лично од премиерот, шефот на грчката дипломатија ќе се сретне со одговорниот за надворешна политика во партијата.

Фото: Игор Бансколиев