Фото: Игор Бансколиев

Со дуелите меѓу Металург – Пелистер, Еурофарм – Вардар и Пролет – Бутел ќе почне годинешната плејоф-трка за титулата ракометен првак на Македонија.
Улогата на бранител и главен фаворит за освојување на 27-та титула државен првак ја имаат ракометарите на Вардар, кои сезонава ќе атакуваат на 13-та титула, односно петта во низа.

Со оглед на тоа што почетокот на плејофот се совпаѓа со почетокот на осминафиналето во Лигата на шампиони и 5. коло од ЕХФ-купот, Вардар и Еурофарм имаат право да ги одложат натпреварите од 1-то коло. Вардар в сабота му гостува на Загреб, а в недела Еурофарм ќе го пречека Хановер.

Металург и Еурофарм сезонава ќе ја водат главната битка за втората позиција на табелата, па веќе во 2-то коло од плејофот (30/31 март) ќе ја имаат првата меѓусебна пресметка, а реваншот ќе го играат во 7-то коло (8/9 мај).
Излез на европската ракометна сцена ќе има и за трето и четвртопласираните екипи во конечниот поредок.

Борбата за опстанок во Суперлигата ќе започне со плејаут-дуелите меѓу Охрид – Прилеп, Борец – Вардар јуниор и Радовиш – Струга.

Плејоф-завршницата во женската Суперлига ќе започне со вечното дерби меѓу Металург и Вардар, другата двојка ја сочинуваат Куманово и Стружанка, а ракометарките на Пелистер ќе бидат слободни.

Според прикажаната игра во првата фаза од натпреварувањето, ракометарките од „Автокоманда“ се на добар пат по шест сезони да го вратат шампионскиот пехар во своите витрини. Женскиот плејаут, пак, ќе започне со дуелите меѓу Спартак – ЦЕМС и Деспина – Гевгелија, а слободна е екипата на Овче Поле. 


мажи
1. коло – Плејоф:
Металург – Пелистер
Е. Работник – Вардар
Т. Пролет – Бутел
1. коло – Плејаут:
Охрид – Прилеп
Борец – Вардар (Ј)
Радовиш – Струга

жени
1. коло – Плејоф:
Металург – Вардар
Куманово – Стружанка
Пелистер – слободен
1. коло – Плејаут:
Спартак – ЦЕМС
Деспина – Гевгелија
Овче Поле – слободен