Официјалните податоци изнесени од здружението на медицински сестри потврдуваат дека овој кадар масовно ја напушта Албанија и главно се вработува во Германија.
– Многу наши колеги и колешки ја напуштија земјава, а уште многу се подготвуваат да заминат. Во првите шест месеци од годинава земјата ја напуштиле 2.500 медицински сестри. Според нашите сознанија, до крајот на годинава таа бројка ќе достигне 5.300 – потврдуваат од друштвото.
Оттаму посочуваат дека тоа го засноваат на бројот на лицата што посетуваат интензивен курс по германски јазик ,меѓу кои дури 500 се медицински сестри од универзитетската клиника „Мајка Тереза“ во Тирана.
Повеќето од нив се професионалци со повеќегодишно искуство, а не штотуку дипломирани. Најбараните профили се за медицинска грижа во семејство, геријатриските болници, педијатрија и реанимација.
Во последните години масовно заминуваат и лекари од општа практика, но и специјалисти. Иако не се знае точниот број, се претпоставува дека во последните четири години заминале најмалку 800 лекари.
Причина во прв ред е платата, но и условите за работа и можностите за унапредување во кариерата.