Злосторствата од омраза против муслиманското население во Франција, кое е помеѓу 6 и 10 милиони, драматично се зголемија од 2016 до 2017 година. Исто така, речиси 40 отсто од насилствата во 2017 година беа класифицирани како расни или верски мотивирани насилства против Евреите, иако тие сочинуваат само еден отсто од француското население
Улиците на арондисманот (округот) број 17 во Париз оставаат впечаток дека еврејскиот живот во Франција едноставно цвета. Се појавија нови кошер-продавници и ресторани, а во градот работат 15 синагоги, во споредба со само неколку пред две децении. Сепак, за жителите како Џоана Галили, оваа област во северозападниот дел на Париз претставува тактичко повлекување. Квартот стана прибежиште за голем број Евреи, кои тврдат дека биле малтретирани во деловите каде што има сѐ повеќе муслимани. Џоана Галили (28) се досели од париското предградие, каде што, како што вели, „антисемитизмот е на мошне високо ниво“.
Изминативе неколку месеци се поттикна дебата за начините на справување со „новиот антисемитизам“. Речиси 40 отсто од насилствата во 2017 година беа класифицирани како расни или верски мотивирани насилства против Евреите, иако тие сочинуваат само еден отсто од француското население. Антисемитските напади се зголемија за 20 отсто во однос на 2016 година, скок што беше окарактеризиран како „презагрижувачки“ од Министерството за внатрешни работи (МВР) на Франција. Во текот на 2011 година, Владата престана со категоризација на оние што се одговорни за ваквите напади. Пред тоа, муслиманите беа најчестите причинители, наведуваат експертите, а порастот на насилства често се поклопуваше со судирите помеѓу Израелците и Палестинците.
Франција ја има најголемата популација на Евреи и на муслимани во Европа. Во таквиот контекст, француските политичари се исплашени од судири помеѓу овие две страни, па дури и од признанието дека постои изразена динамика на „муслимани против Евреи“. Кога би направиле нешто такво, тоа би било во спротивност со централниот стожер на француската држава – дека луѓето не се дефинираат според расата и верата, туку дека сите граѓани се еднакви пред законот.
– Сепак, не е баш така во реалноста. Сите политичари зборуваат дека треба да живееме заедно. И покрај тоа, во практика имаме групирања врз основа на културата и заедницата – вели анкетарот Жером Фурке.
Но, муслиманските лидери велат дека фразата „нов антисемитизам“ неправедно фрла вина врз муслиманите. Злосторствата од омраза против муслиманското население во Франција, кое има помеѓу шест и десет милиони лица, значително се зголемија од 2016 до 2017 година.
Од 2000 година наваму, повеќе од 50.000 француски Евреи се преселија во Израел, во споредба со 25.000, кои заминаа во периодот од 1982 до 2000 година. Десетици илјади ги напуштија перифериите на Париз и на Лион, каде што муслиманската популација бележи пораст, населувајќи се во квартовите каде што има мнозинство од еврејско население.
Во јуни почна судењето на четворицата француски муслимани од африканско потекло, заради напад и ограбување млада еврејска двојка во 2014 година. Обвинетите молкум го слушаа судијата додека го читаше обвинението, во кое се наведува дека насилно влегле во станот во париското предградие Кретеј, фрлале верски предмети на подот и ја силувале жената. Судењето се водеше неколку месеци по убиството на 85-годишната Еврејка Мириел Кнол (преживеана од холокаустот) во нејзиниот стан во Париз. Нејзиниот напаѓач викаше: „Алаху акбар“.
Прогласот потпишан од интелектуалци, Евреи и други личности предупредува на „тивко етничко чистење“. Со него се повикуваат муслиманите да се откажат, како што се вели, од антисемитските стихови на Куранот. Муслиманските водачи се бесни заради обвинувањата.
– Луѓето си заминуваат зашто стигнаа до поинакво економско ниво – вели Мамаду Диало, кој го води центарот за млади во Нантер, западното предградие на Париз. Но и тој, како и некои други млади муслимани, признаваат дека имаат слушнато антисемитски коментари.
Рашид Бензин, француски политички научник со потекло од Мароко, вели дека некои муслимани се чувствуваат дискриминирано во француското општество и веруваат дека Евреите добиваат подобар третман.
– Мора да разберете дека постои некој вид опсесија, фантазија во врска со предностите што ги имаат Евреите во Франција, а тоа создава огорченост и љубомора – истакнува тој.
Бензин нагласува дека реално постои и израелско-палестинскиот конфликт, кој уште повеќе долева оган на и онака кревката состојба на јавниот ред и мир нарушуван со актуелниот израелско-муслимански прикриен конфликт.
(Во текстот се користени опсервациите на Адам Носитер објавени во „Њујорк тајмс“, а опремата е редакциска)