Илустрација: Игор Јовчевски

Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

Приказнарот: Ф! Еден Фоте на сите им фрлал пепел в очи, демек лажел, сушел. Ф… Некојси Филип фатил дебела сенка, демек фатил ем лесна работа, ем добро платена. Ви кажував за Фанија?! Фанија кога гледа во филџан како да раскажува приказни. Мене ми гледаше вчера. Приказната што ми ја раскажа… После за приказната…
Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата Ф да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната, заедно ќе ги отклучиме.

Приказнава е стокмена за еден фурнаџија од селото Фурка. Го викале Филип, си имал фурна, печел леб и од тоа живеел. Но бил млад и сам, та никој ум не го фаќало. Да остане фурнаџија во Фурка или да го фати патот под нозе и да си побара нова среќа. Еден ден жителите од Фурка останале без леб. Фурнаџијата го немало и никој не можел да поверува дека си заминал. Заминал, заминал… Жителите на Фурка не можеле повеќе да се фалат по околните села дека јадат најубав леб. Почнале да се предат разни приказни за Филипа фурнаџијата од Фурка.

Не верувам дека фрлил камен, ќе се врати – рекла некоја баба.
Мене ова ми личи на некоја ујдурма – подрекла Фотија, жената на ковачот.
А, вистината била друга. Фурнаџијата стигнал дури до Франција. Се населил во некое француско село, во Форже, и почнал да пече француски леб. Брзо научил што леб и каков леб јадат Французите, та за кратко време станал познат и славен фурнаџија. Еднаш дури и францускиот крал кога минувал низ Форже, демек застанал и го пробал лебот на Филипа фурнаџијата. Сите весници и улични викачи пишувале и кажувале за овој настан.

Се случило така, се разболела ќерката на францускиот крал. Ја фатила некоја чудна болест, ни болна – ни здрава. Море дошле сите познати лекари од тоа време, ама ништо. Кралот и кралицата многу ја сакале и, кутрите, не знаеле кој пат да го фатат. Ајде друго, но принцезата била и пред свршувачка, била таксана за синот на некој друг крал. Кога чул за болеста, си нашол друга принцеза. За болеста разбрал и Филип фурнаџијата од Фурка. Почнал да размислува како да ѝ помогне. Размислувајќи, се присетил на детството. Демек кога бил дете и тој долго време бил ни здрав – ни болен. Сите велеле ништо не му е на детето, а тој не можел од кревет да стане. И дошла некоја баба, Фанија ја викале, го видела и побарала три лажици. Ај што побарала три лажици, туку почнала да ги фрла над глава. Ги фрлала, ги фрлала и кога застанале трите лажици на лице…
За Филипчо наш не берете гајле, ќе оздрави и ќе стане познат и славен не само во Фурка туку многу подалеку.

И, Филипчо оздравел, како ништо да не било.
Ете ти го Филип наш во кралскиот дворец. Со кралот подрака влегле кај принцезата. Побарал три лажици. Му донеле три златни лажици. Застанал Филип до креветот на принцезата и почнал да ги фрла преку глава. Фрлил еднаш – ништо. Двапати – ништо. Фрлил трипати – ништо. На седмото фрлање лажиците се наместиле на лице и принцезата станала од креветот. Не само што станала туку побарала и јадење. Како да се разбудила од некој лош сон.
Го зел кралот Филипа фурнаџијата подрака и го однел во една одаја полна златници. Застанал Филип среде одајата…
Почитуван кралу на Франција, мене злато не ми треба, си имам златен занает. Ми требаат убава кочија и десет силни коњи. Сакам да се вратам во селото каде што сум се родил, во Фурка.

И така било. Се качил во кочијата и си дошол во Фурка. Направил нова фурна, во која печел само француски леб. Со години жителите на Фурка јаделе француски леб без пари. Филип фурнаџијата од Фурка не го заборавиле. До ден-денешен живее во многуте приказни што се раскажуваат во ова убаво село.
Како да не ми верувате?! Ако ми верувате, арно! Ако не, уште поарно!

За крај ги отклучуваме зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата Ф: фурна, фурнаџија, Фурка, Филип, Фанија, Фоте, Фотија, Франција, француски, фрла, фаќа, филџан…


Наместо белешка за авторот

Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.

Илустрација: Живко Поповски-Цветин