Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“
ЗА СЕКОЈА БУКВА ПРИКАЗНА: И
Приказнарот: И!!! И е исток. Исток е страната каде што изгрева сонцето. Еден Ивче излегол пред зграда и викнал: Ивонче, каде си?! Викнал бидејќи знаел дека дедо ѝ на Ивонче, Илија знае илјада и една приказна. Вчера мене ми ја раскажа илјадитата.Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата И да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме.
Приказнава е стокмена за еден Илија. Е, тој, Илија, некогаш да ти живеел во ресенското село Илино. Еее, Илија имал илјада овци, исто толку овчарски кучиња, десет кози и еден прч. Како што вели приказната, а ќе изгреело сонцето на исток, Илија ќе ги соберел кучињата и ќе им речел…
И да лаете и да не лаете, и да спиете и да не спиете, вечер сакам сите овци да бидат на број.
И, така, тргнувале кучињата заедно со овците, козите и прчот кон ливадите над Илино. Не биле ливади, личеле на голем килим нашаран со сите бои, што се вели, во ливадите покрај трева имало и многу цвеќиња со цветови што ѕиркале над тревата како подадени главчиња на насмеани дечиња. Овчарските кучиња вртеле околу стадото, а овците, козите и прчот спокојно си паселе. И не смееле да помислат нешто да се случи. Една овца да немало, готово било со нив. И така со години. Наутро тргнувале, навечер се враќале. И овците на број, и козите на број и прчот здрав и жив и богата вечера за кучињата. Ама, драги мои, еден ден во Илино не се вратиле ни овците, ни козите, ни прчот, ни кучињата. Илија излегол над село, гледал де ваму, де таму, викал колку што го држи грлото – но од животинчињата ни трага, ни глас.
Бре мајката, в земја пропаднаа – рекол Илија од Илино и си се вратил дома.
Размислувал со денови, размислувал со недели и, кога, еден ден во дворот дотрчал прчот.
Газда Илија!… Илија… Итриот змеј Игон нѐ затвори сите во неговите одаи!… Јас некако избегав и…
И, толку. Паднал прчот во дворот, а Илија му дал малку шербет, демек водичка со шеќер, и прчот некако станал на нозе. И добро што станал бидејќи само тој ја знаел тајната што се кажувала на уво, со шепотење. Прчот шепотел, Илија мрдал со главата и се думал што и како да направи. Било како било, по три дена овците, козите и овчарските кучиња повторно се собрале во дворот на Илија од Илино, сите здрави и живи. Тајната?!… Којзнае дали била тајна… Драги мои, на змејот му се пријало манџа со киселец, пуста змеица не знаела да му направи, се налутил и ги грабнал овците, козите, кучињата и прчот. Но, затоа, пак, Илија бил мајстор за вакви манџи. Наполнил илјада котли со манџа и, буп, пред змејот. Тој се најал, се расположил, велат почнал и да пее и му ги вратил животинчињата на Илија од Илино. И не само тоа, туку му дал и подарок, семки од тикви, кои растеле колку бочви за вино. Но, за тиквите и тикварите во некоја друга приказна. Како да не ми верувате, а?!… Ако ми верувате арно, ако не уште поарно!
За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата И ги отклучуваме: Исток, Илија, Илино, Ивче, Ивона, итар, излегува, изгрејсонце, илјада, избега, изгрева…
Наместо белешка за авторот
Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.