Европската Унија станува пасивен набљудувач кога станува збор за следење на слободата на медиумите. Се чини дека на ЕУ ѝ недостигаат волја и алатки за подобрување на состојбата во работата на медиумите, особено затоа што нападите врз медиумите на Балканот се сѐ пософистицирани и далекосежни. Методичките напади врз независните медиуми стануваат ендемични низ Источна Европа, а особено на Балканот, се заклучува во анализата објавена на „Еуроактив“.
Некои од земјите-членки на ЕУ, како што е Бугарија, се наоѓаат меѓу авторитарните држави како што се земјите во развој, се наведува во годинешниот извештај на „Репортери без граници“, за индексот за слобода на медиумите. Според него, Бугарија е рангирана на 112-то место од 180 анкетирани земји.
Другите балкански држави што сакаат да се приклучат кон ЕУ, како што се Србија и Македонија, се карактеризираат со домашни медиумски пазари каде што независните критички медиуми се ставени на маргините на јавниот дискурс.
Балканската иницијатива за слободни медиуми (БФМИ) беше креирана за да помогне во решавањето на овој проблем и да ги расветли нејасните комерцијални техники што ги задушуваат слободните медиуми во Балканскиот Регион.
Во првиот извештај на БФМИ, кој ја разгледува цензурата на медиумите во Бугарија, Србија и во Македонија, идентификувани се „слабите“ точки на медиумскиот пазар. Притоа се набројуваат: контролата на јавните радиодифузери и регулаторни органи задолжени да ги почитуваат законите за медиуми, злоупотреба на слабата регулатива за транспарентност на сопственоста за да се овозможи незаконска контрола на медиумите од страна на владите или нивните полномошници, како и за користење државни субвенции за поттикнување на клиентелизмот на слабите и презаситени медиумски пазари.
Во анализата на Антоанета Николова, која е основачка и директорка на Балканската иницијатива за слободни медиуми, се наведува дека во Бугарија е легално политичарите да поседуваат медиуми, а некои политички партии имаат свои телевизиски канали.
Во Србија, државниот кабелски оператор во земјата, „Телеком Србија“, влезе во профитабилни партнерства со сојузниците на претседателот Александар Вучиќ, кои почнаа да купуваат медиуми, кои во некои случаи станаа значително попровладини во нивното известување.
Во Македонија, истакнати политичари можат да ја заобиколат регулативата со инсталирање членови на потесното семејство како сопственици на нивните медиумски средства, се наведува во извештајот.