Во организација на ОСУ „Мирко Милески“ од Кичево, 14-те средби на Младинската асоцијација на средните стручни училишта (МАССУМ), поминаа во крајно неизвесни натпревари во сите категории, во кои учествуваа 1.500 ученици и 500 нивни професори ментори, од 46 средни училишта во земјава. Одреден број училишта покажаа високи резултати во повеќе дисциплини, со што потврдија дека континуираната работа се рефлектира и врз пласманот на нивните ученици во повеќето категории.
На прогласувањето на најдобрите беа присутни и претставници на мисијата на ОБСЕ на чело со Алесио Зукарини, кои на победниците во категоријата јавно говорење на македонски и на албански јазик им доделија дополнителни награди и признанија.
Според резултатите, во категоријата драма, првото место го освои средното училиште „Владо Тасески“ од Скопје, додека на второ место заврши екипата на домаќинот „Мирко Милески“. За маркетинг-план најдобри беа учениците од „Кузман Јосифовски-Питу“, Прилеп, економска насока.
– Ова училиште од 2011 година постојано е во редот на наградените во оваа категорија, резултат што најдобро потврдува дека со континуирана и професионална работа на професорскиот тим и одговорното однесување на учениците се доаѓа до овие резултати, а оваа традиција ќе се обидеме да ја продолжиме и наредните години – рече професорот од ова училиште, Илчо Јордановски по доделувањето на наградите.
Во категоријата штандови првото место им припадна на училиштата „Наум Наумоски-Борче“ од Крива Паланка и на „Димитар Влахов“ од Струмица, чија професорка истакна дека ова училиште има своја плантажа, која ја обработува без вештачки ѓубрива и без други хемикалии, така што производите што ги добиваат од овие површини се целосно природни и без никакви штетни супстанции во себе.
Во категоријата електронско портфолио првото место заслужено отиде кај „Евгенија Димитрова“ од Битола, најдобрата веб-страница ја подготви училиштето „Михајло Пупин“ од Скопје, а најдобриот постер беше дело на учениците од „Јане Сандански“од Струмица.
На модната ревија првото место му припадна на средното Економско училиште од Гостивар. Пресреќни од остварениот пласман, ученичките учесници во ревијата, Џенера Кагури и Кадриа Ахмети, истакнаа дека се презадоволни што нивната модна ревија беше прогласена за најуспешна и сметаат дека наредните години ќе бидат на врвот во оваа категорија, бидејќи работат систематски и ги следат сите трендови од областа на модата.
Во категоријата интервју на англиски јазик првото место го освои „Кузман Јосифовски-Питу“ од Прилеп, најдобро оценета поетска творба беше таа на Ванчо Петрушевски од Охрид, најдобриот филм го подготви „Владо Тасевски“ од Скопје, а најдобрата видеореклама ја изработи домаќинот „Мирко Милески“, чии ученици го подготвија филмот „Стоп на насилството врз жените “. Најдобрите бендови беа оние на „Ацо Рускоски“ од Берово и на домаќинот „Мирко Милески“ од Кичево.