Во Босна и Херцеговина има 45 високообразовни институции, од нив десет се јавни, а 35 приватни, во кои се нуди образование на повеќе од 1.600 студиски програми. За жал, со зголемувањето на бројот на високообразовните установи не е постигнат и квалитетот за студирање, а можноста за купување и фалсификување факултетски дипломи се зголемила, пишува порталот „Кликс“.
Деканот на високата школа за економија, претприемаштво и управување „Никола Шубиќ Зрински“ од Загреб, која од следната академска година отвора дислоцирани студии во Жупања, Ивица Катавиќ, за „Глас на Славонија“ рече дека постојат големи индиции дека дипломите стекнати во Србија и во БиХ повеќе не ќе можат да се нострифицираат во Хрватска, затоа што не ги задоволуваат потребните критериуми. Оваа изјава ќе ги загрижи големиот број хрватски студенти што студираат на факултетите во двете соседни земји, а меѓу нив најзасегнати се младите од Славонија. Мотивите за студирање во соседството се помалите трошоци за кирија и за школарина и живот во близината на нивните домови. Најмногу од нив изјавиле дека клучен фактор да студираат во БиХ и во Србија е тоа што не успеале да се запишат на посакуваниот факултет во Хрватска, поради послабите резултати освоени на матурата.