Европскиот наратив за малите земји е перспектива, а владеењето на правото и почитувањето на правниот поредок е заштита во процесот на забрзана интеграција, констатирале министрите за надворешни работи на Македонија и на Словенија, Никола Димитров и Миро Церар, на средбата што се одржала на почетокот на 14. Бледски стратегиски форум.
Димитров, како што информира МНР, детално го информирал својот словенечки колега за изгледите и перспективите на евроинтегративните процеси на земјава, во светло на добивање позитивна одлука на Советот на ЕУ, во октомври годинава.
– Конзистентната поддршка од Словенија и соработката на овој план е симбол на искрено пријателство и споделена европска визија. Словенечката приказна за европскиот успех е пример за целокупниот процес на проширување. Словенија беше првенец во тој контекст и инспирација за нас да целиме повисоко за да ги постигнеме нашите европски идеали – истакнал Димитров.
Двајцата соговорници размениле мислења и за актуелните политички случувања во земјата, како и за важноста од владеење на правото како гаранција за сигурноста на демократскиот пат, особено за земји како Македонија и Словенија.
На маргините на форумот, Димитров вчера требаше да се сретне и со Метју Палмер, специјален пратеник на САД за Балканот, и со генералниот директор за политички прашања во британскиот Форин офис, Ричард Мур. Денеска, Димитров ќе се обрати на панелот насловен „Западен Балкан – европеизација, демократизација, споделена одговорност“, на кој ќе се осврне на европските перспективи на земјава.