Шест познати грчки уметници и петмина од Македонија, инспирирани од убавините на Струга и околината, неколку дена твореа на првата македонско-грчка ликовна колонија „Културен мост“ што се одржува во организација на здружението на граѓани „Концепт“ од Скопје. Меѓу гостите од Грција се петмина сликари и еден скулптор. Додека од македонските уметници има четворица сликари и еден скулптор, придружувани од млади таленти од Струга.
Уметниците создадоа дваесетина дела, кои главно се инспирирани од идејата за културно поврзување на двете соседни земји, што е и главната цел на проектот „Културен мост“.
На колонијата учествуваа македонските уметници Мирослав Масин, Сергеј Андреевски, Шќипе Мехмети, Исмет Рамиќевиќ, Натали Николовска, како и нивните грчки колеги Ангелос Скуртис, Антигони Каввата, Ели Гравалу, Корнилиос Граменос, Марк Хаѕипатерас и Харалабос Кацацидис.
Делата создадени на колонијата од вчера може да се видат во галеријата „Чифте-амам“ во Скопје. Претходно на летната сцена од домот на културата „Браќа Миладиновци“ во Струга македонскиот вајар Исмет Рамиќевиќ го изведе својот перформанс насловен „Змија“.
Ликовната колонија „Културен мост“ е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.