Фасцинантно е како овие бебиња за нецела недела сосема се приспособија на секојдневието, растејќи под будното око на 16 возрасни елени лопатари
Две бамби, или малечки од видот елен лопатар, неодамна ја збогатија Скопската зоолошка градина. Вработените ни открија дека, наместо со мекици, тие прославуваат со банани.
Само што се приближивме до живеалиштето на елените лопатари, едното малечкото шеткаше околу својата мајка. Стабилно застанато на нозе, брзо го фатило ритамот на живот. На помалечкото, старо само три дена, му беа потребни неколку минути за да излезе од колибата. Ама и тоа е веќе сплотено со семејството, растрчано и љубопитно.
Фасцинантно е како овие бебиња за нецела недела сосема се приспособиле на секојдневието, ги прифатиле предизвиците на денот.
Членовите на големото семејство од 16 лопатари весело и сложно нѐ поздравија, но не дозволија да им се приближиме на малечките. Сите во групата грижливо внимаваа на нив. Дванаесет женки, двајца мажјаци и две мали еленчиња лопатари го чинат ова семејство, а нивниот број се очекува годинава да се зголемува.
Малечките околу два месеца ќе се исхрануваат само со млекото од нивната мајка. Како што ни кажа зоо-негувателот Ивица Трпчевски, еленчињата лесно се приспособуваат на условите во Зоолошката, тоа е во нивната природа. Кога ќе дојде време, мајката ќе процени кога ќе ги одбие. Животните не бараат посебна нега, а мајката и целото стадо постојано се грижат за нив.
– Женското младенче го крстивме Ивана, оти се роди два дена пред Иванден.
Другово претпоставуваме дека исто е женка, но уште не сме сигурни. Затоа што постојано сум овде, прв го најдов рано наутро малечкото, внатре во колибата, а и таму најчесто женките се повлекуваат да се породат – ни рече Ивица, кој со години се грижи за елените.
Младенчињата најчесто се раѓаат напролет со должина од 30 сантиметри и тежина од 4,5 килограми. Животниот век на еленот лопатар е 12-16 години. По исхрана се тревопасни и во природа претпочитаат мешани шуми и отворени тревни предели.
– Овде наутро, околу 8 часот, добиваат детелина. Потоа им ги чистиме живеалиштата и им ставаме свежа вода. Околу 13 часот е ручекот од јачмен и пченка. Во просек јадат 10 килограми зрнеста храна. Зиме јадат повеќе, но налето, поради тоа што им е топло, им се намалува апетитот и јадат значително помалку – додава Трпчевски.
Храна, вода и мирна атмосфера е сѐ што им треба.
– Овде условите им се одлични, имаат пространо живеалиште, зашто големо друштво се. И воопшто не се тешки за грижа, многу мирни животни се – вели Ивица.
По изглед мажјаците од женките се разликуваат по роговите, кои првите две години се шилести, а потоа го добиваат карактеристичниот лопатест облик.
Ова се мошне брзи и агилни животни, кои развиваат брзина до 48 километри на час на кратки растојанија, но не се побрзи од многу нивни сродници, како срната, поради послабата мускулатура. Можат да скокнат 1,75 метар во висина и 5 метри во далечина.
Во Македонија еленот лопатар е присутен како доведен вид. Неговата бројност флуктуира од година на година и од регион во регион. Најзастапен е во источниот регион.