Резултатите од истражувањето на УНИЦЕФ, според кои во Македонија доминираат насилните методи на дисциплинирање на децата, влијаеја поразително на пошироката јавност. Стручната јавност, пак, воопшто не е изненадена. Причините за агресијата на родителите кон децата, според експертите, се многубројни, но, како што велат, само еден е патот за излез од таквата ситуација
Начинот на кој се воспитуваат децата, во голема мера, претставува проекција на функционирањето на едно општество. А сликата на македонското општество, „насликана“ во најновото истражување на УНИЦЕФ во Македонија, покажува голем степен на агресија. Имено, според ова истражување, седум од десет деца на возраст од 2 до 14 години дома се дисциплинираат со насилни методи, односно со физички казни и психолошка агресија. Од УНИЦЕФ велат дека кај испитаниците постои верување оти насилните методи на дисциплинирање функционираат, односно 44 отсто од нив сметаат дека физичкото казнување е ефикасен начин за коригирање на однесувањето на детето, а 37 отсто мислат дека тоа се постигнува со психичкото казнување.
– Насилните методи на дисциплинирање на децата во домот се социјално прифатени и често на нив се гледа како на неопходен дел во воспитувањето деца, иако овие методи сериозно го загрозуваат развојот на децата и ги кршат нивните основни права. Со оглед на тоа што мнозинството родители, или 79 отсто, изјавиле дека примениле најмалку еден насилен метод, психичко малтретирање, лесно или тешко физичко казнување, може да се каже дека родителите и старателите од сите социјални, образовни и културни категории посегнуваат по насилни методи на дисциплинирање на децата. Поголема веројатност да бидат физички казнувани имаат оние деца чии родители, исто така, искусиле физичко казнување како деца – вели Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.
Колку и да е сѐ уште актуелна во Македонија поговорката „ќотекот е излезен од рајот“, резултатите од истражувањето на УНИЦЕФ влијаеја поразително на пошироката јавност. Стручната јавност, пак, воопшто не е изненадена.
– Агресијата во воспитувањето е честа појава во Македонија – како физичка, така и психолошка. Стандардите на УНИЦЕФ за воспитувањето на децата се базираат на основните човекови права, а секое дете штом ќе се роди ги има истите права како возрасен човек. Тоа им е сѐ уште чудно на родителите во Македонија, кои како да не се свесни дека детето е автентично, самобитно суштество, на кое тие треба да му помогнат да се развие во здрава, културна и самостојна личност. Лесно е да се стане родител и да им се постават контролни механизми на децата (како страв, срам…) за да се постават некакви граници во однесувањето и развојот на децата, но потешко е воспитување со пренесување на вистинските вредности на децата.
Агресијата кај родителите во воспитувањето на сопствените деца често е резултат на страв од тоа што самите не знаат како да реагираат и да постапат во одредена ситуација. На пример, кога детето почнува да се интересира за секс, многу често реакцијата на родителот е соодветна на тоа како самиот се чувствува – вели психолог Мирјана Стојановска-Јовановска.
Според претставникот на УНИЦЕФ, Перкс, негативните искуства од детството директно влијаат на постигнувањето успех понатаму во животот и оставаат траги врз менталниот и физичкиот развој на детето, врз неговата способност за социјална интеграција, воспоставување и одржување блиски емотивни односи и врз способноста за финансиска заработка.
– Има поголема веројатност да се повтори матрицата на насилно дисциплинирање од генерација на генерација – вели Перкс.
Причините за агресијата во начинот на воспитување на децата од страна на родителите, психологот Стојановска-Јовановска ги гледа во неколку фактори.
– Многу е веројатно дека родителите само го следат моделот според кој и самите биле воспитувани, а таквиот начин е дозволен и поддржан од културата на средината во која живеат. На тоа се надоврзува и неинформираноста, односно незнаење на техники и модели на воспитување. Не треба да се занемари и стресот на кој се подложени родителите во секојдневното живеење, борбата за егзистенција, што често предизвикува лично незадоволство и чувство на нереализираност. Од тоа произлегуваат и фрустрации, кои веројатно не можат да се манифестираат на друго место, па семејството, односно децата се податлив „терен“ каде што може да се искаже сопствената моќ на возрасната личност, која е родител – ги наведува Стојановска-Јовановска, некои од причините за агресијата во воспитувањето на децата, од страна на родителите, во Македонија.
Во детската амбасада „Меѓаши“ во Скопје се изненадени од резултатите во истражувањето на УНИЦЕФ. Бројката од 79 отсто на родители во Македонија за кои примената на агресија во воспитувањето на децата е прифатлива и вообичаена е фрапантна, со оглед дека во „Меѓаши“ сметале дека тој процент би се движел до 20 отсто.
– И за нас резултатите од истражувањето што ги објави канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија се големо изненадување. Толку големиот процент, на 79 отсто од родителите за кои е прифатлива агресијата во воспитувањето, кој го посочуваат од УНИЦЕФ и нам ни е нејасен и неприфатлив, затоа што тие во извештајот ги ставија физичкото и психичкото насилство под еден фолдер, а не кажуваат во колкав степен е секоја од овие форми на агресија застапена, ниту колку испитаници се опфатени. УНИЦЕФ можеби врши истражувања и во други земји, но немаме податоци за тоа. Но секако дека тоа се на некој начин подрачја со некаков ризик во воспитување и растење на децата, според УНИЦЕФ – вели Татјана Гогоска од детската амбасада „Меѓаши“.
Што се однесува до последиците од таквиот начин на воспитување и мерките што се преземаат за подобрување на таквата состојба, Гогоска вели дека траумите во воспитувањето на децата можат да имаат далекосежни последици.
– Ставот на „Меѓаши“, како амбасада за остварување на правата на децата и нивна заштита, е дека ако процентот на агресијата во воспитувањето што го наведува УНИЦЕФ е толкав, тогаш тоа е аларм за сите: и за родителите и за институциите и за државата. Трауматичните ефекти за децата имаат далекосежни негативни последици. И најчесто тепаните и казнуваните деца, кога ќе станат родители, тоа им го прават н на своите деца. Е, сега, да се запрашаме дали околу нас знаеме и препознаваме родители што тепаат дете, или го малтретираат психички и дали сме сториле нешто да го заштитиме. Иако родителството изгледа како сосема природна работа, потребни се тренинзи, обуки, работилници пред да станат родители и за потоа, за тоа како да се справуваат со децата и како да применуваат позитивно родителство – заклучува Татјана Гогоска од „Меѓаши“.
Според препораките од УНИЦЕФ, родителите треба да научат да применуваат позитивно родителство, а тоа подразбира поставување граници во однесувањето на детето, но истовремено давање поттик и градење самодоверба.
– Родителите не се свесни дека некои методи што ги применуваат се насилни. На пример, заканување на детето дека ќе биде казнето е насилен метод, додека ако родителот му објасни зошто неговото однесување е несоодветно е позитивна практика – советуваат од УНИЦЕФ.
Родителството, како што посочуваат оттаму, се учи, па, така, позитивните практики може да се научат. Одговорноста да создадеме средина со повисока свест за последиците од изложеноста на насилство и да дадеме пример со проактивно дејствување лежи кај сите нас.