Кина е најголем светски производител и извозник на ретки метали – група од 17 многу ценети минерали што се користат во производството на потрошувачка електроника и воена опрема, како што се мотори за авиони, сателитски системи за наведување проектили и ласери. Па, така, по сѐ изгледа, Пекинг е конечно подготвен да ја искористи својата доминантна позиција во сферата на производството и преработката на ретки метали, како оружје во трговската војна со САД
Американската воена индустрија може да се соочи со сериозни проблеми откако Кина се закани со ограничување на извозот на ретки метали во САД, кои се од круцијално значење за напредните оружја на американската војска. Кина е најголем светски производител и извозник на ретки метали – група од 17 многу ценети минерали што се користат во производството на потрошувачка електроника и воена опрема, како што се мотори за авиони, сателитски системи за наведување проектили и ласери. Па, така, по сѐ изгледа, Пекинг е конечно подготвен да ја искористи својата доминантна позиција во сферата на производството и преработката на ретки метали, како оружје во трговската војна со САД.
Кинеските државни медиуми изминатиот период интензивно пишуваат за можноста Кина да го ограничи извозот на ретки метали за американскиот пазар, за да добие предност во трговската војна. Весникот „Глобал тајмс“ наведува дека кинеските власти исто така работат на листата со крајни корисници на ретки метали, извезени од Кина. За таа цел, кинеската Комисија за национален развој и реформи (НДРЦ) неодамна одржа три симпозиуми за ретки метали, за да ги слушне ставовите на индустриските експерти, кои, пак, сугерирале воведување контрола на извозот на овие скапоцени минерали.
– Меѓу предлозите на симпозиумите беа и забрзување на развојот на индустрии крајни-корисници, како и механизам за следење на секоја пратка на ретки метали. Владата одлучно се противи на секој обид за користење на производите направени со ретки метали извезени од Кина, за потиснување на развојот на земјата – изјави портпаролката на НДРЦ, Менг Веи.
Веи додаде дека Кина, исто така, ќе ги засили напорите за борба против нелегално експлоатирање ретки метали и за еколошки развој на индустријата со овие минерали.
Кинескиот извоз на ретки метали, како што наведува „Ројтерс“, во мај се намали за 16 проценти, во споредба со април, на околу 3.640 тони. Податоците покажуваат дела САД од Кина увезуваат дури 80 отсто од овие минерали.
Кинескиот претседател Си Џинпинг неодамна ја посети фабриката за производство на ретки метали „ЏЛ МАГ Рер-ерт ко.“ во југоисточниот дел на земјата, што уште тогаш ги разгоре шпекулациите дека официјален Пекинг може да се одлучи на ограничување на извозот на ретки метали што, пак, сигурно ќе ги погоди не само американските компании, туку и самиот безбедносен и информатички систем на САД, бидејќи овие елементи се користат во повеќе современи системи на воена техника (противракетна одбрана, системи за наведување проектили, сателити и ласери) и високотехнолошка индустрија. За тоа дека ситуацијата е сериозна, доволно говори и фактот дека токму ретките метали беа изоставени од списокот за царинење на кинеските производи од страна на САД.
Очигледно е дека Пекинг ги зголемува влоговите во трговската војна, сакајќи да ѝ покаже на администрацијата во Вашингтон дека располага со соодветен одговор на „големата игра“ на САД. Притоа, Кина е доволно свесна за отпорот на американските големи бизниси кон острата антикинеска политика на Доналд Трамп, поради нивните големи загуби, како и за претстојните избори во САД наредната година, за кои на американскиот претседател му е потребна силна домашна економија, а не исцрпувачка трговска војна со Пекинг.
Затоа, како што оценува порталот „Геополитика“, ќе биде многу интересен понатамошниот развој на ситуацијата, бидејќи САД, во досегашните трговски војни, кои често лесно ги решаваше во своја корист, никогаш не се соочиле со ваков противник, кој не само што е економски рамноправен, туку и идеолошки доволно цврст за давање отпор. А ретките метали се еден од трите адути на Пекинг во трговската војна со Вашингтон, заедно со можната распродажба на американскиот трговски долг, во износ од над илјада милијарди долари, како и големо намалување на домашната валута јуан, со што дополнително би поевтинил и онака големиот кинески извоз.
Нема да има американски проектили и антиракетни системи без кинеските минерали
Ретките материјали, чиј најголем светски производител и извозник е Кина, се користат во широк спектар на производи – од батерии и акумулатори за електрични и хибридни автомобили, производство на компјутери, ДВД-плеери, турбини за ветерници, автомобилски катализатори, телевизори, ласери, па до воено оружје. Некои од ретките метали се неопходни за производство на реактивни мотори, системи за наведување проектили и противракетна одбрана, сателити и ласери. На пример, лантанот се користи за производство на техниката за ноќно набљудување.
Интересно е тоа што американските воени гиганти „Рејтон“ и „Локид-Мартин“ произведуваат сложени воени производи, пред сѐ проектили, за кои се неопходни ретки метали. И гигантот „Епл“ користи ретки метали за своите производи, како што се камерите.
Единствен американски рудник за овие метали е „Маунтајн пес“ во Калифорнија, во сопственост на „МП материјалс“. Интересен е фактот дека „МП материјалс“ секоја година за понатамошна преработка во Кина испорачува околу 50.000 тони добиен концентрат.